Monday, July 1, 2013

Градски трговски центар- Ѕвездан Георгиевски

Извор: Мактел
Иако одлуката Градскиот трговски центар да се преобрази во своевидно барокно шопингмолско чудовиште ги има сите шанси да влезе на списокот на најголемите будалаштини што ни се случиле во последната петолетка од нашите животи, сепак тоа е потег кој има своја внатрешна логика. Малку извртена, ама сепак – логика!
Како прво, се чини дека раководството на Акционерското друштво Градски трговски центар подолг период , најблаго речено, го мрази објектот со кој стопанисува. Имено, веќе 15-та година наназад се распишуваат разно-разни конкурси за негово преобликување, доградување и воопшто за видоизменување на можеби најдобрата, најфункционалната и секако една од најубавите урбани целини во Републиката. Иако ГТЦ, според некои податоци, има вкупна површина од 114.000 квадратни метри (паркинг простор, приземје и два ката), што го прави еден од најголемите вакви центри на Балканот, и иако третиот кат речиси и не работи, сепак, идејата тој да се надгради (и прошири) за некои седум до десет илјади квадрати функционира уште од пред почетокот на овој милениум и, како што се чини, со власта што вообичаено проширува и надградува оваа идеја е на повидок да се реализира, па макар од Трговскиот центар да произлезе некаков барокен франкештајн. На крајот на краиштата, се чини дека освен изнајмувањето и продажбата на деловниот простор, АД ГТЦ воопшто никогаш и не се грижело за потребите на консументите (само како пример – проблемот со јавните тоалети, или онаа непрекината сага со управувањето на киното „Милениум“).
И, второ, Градскиот трговски центар е една од ретките успешни урбани приказни кај нас. Прозрачен е и транспарентен, отворен за проток на идеи, стока и луѓе. Служи како коридор за поминување од еден дел на градот кон друг. Вклопен е во средината: има поглед кон парк и кон река. Има добро решена комуникација меѓу катовите (еден од првите објекти што во себе ги вклопи и таканаречени рампи за лица со посебни потреби). И, како таков, во државата (намерно велиме државата, а не власта) што не може да засмисли било што што мириса на урбана култура, едноставно, не може повеќе да опстане.
Со други зборови, со најавената промена Градскиот трговски центар не го губи само својот визуелен (естетски) идентитет (што, самото по себе, е достаточна постапка работата да се нарече вандализам), туку го губи севкупниот идентитет – целта на сопственото постоење. Според најавените планови, имено, тој од трговски центар од отворен тип треба да прерасне во затворен шопинг мол, нешто што, колку и да ги поврзува трговијата (и профитот), е сосема различно од намената и функцијата на класичните трговски центри.
Шопинг молот е, значи, сето она што трговскиот центар не е. Тој е опкружен со цврсти ѕидови. Нема излози и надворешниот свет не смее да види што се случува внатре. Надворешниот свет не влијае и не смее да влијае врз она што се случува внатре. Тој е затворен систем, самодоволен самиот за себе. Со неговите содржини, лесно лесно може да се замисли дека еден просечен човек (или потрошувач, како што милуваат да кажат трговците) може да го помине целиот живот во таа чудна коцка, без да има никаква потреба да дознае како живее надворешниот свет.
И порано, навраќајќи се на слични тема, веќе констатиравме дека шопинг молот е прилично фамилијарен со македонскиот просечен граѓанин. Како да е граден по примерот на македонската држава. Македонскиот резидент мошне добро знае како изгледа да се живее виртуелен живот; да се живее во наводно отворен простор, од кого тешко се излегува и кој не трпи влијание од надворешниот свет, ниту има амбиции да влијае врз надворешниот свет; каде што, ако имате минимални културни и социјални потреби, место за преспивање и, се разбира, соодветен шопинг мол, можете да го поминете целиот живот без да забележите (и, уште повеќе, без да ве интересира) што се случува таму некаде надвор.
Ете, затоа Градскиот трговски центар мораше да – умре!
Од друга страна, социолозите и психолозите веќе констатирале дека трговските центри продаваат слики и потреби. Поточно, создаваат потреби, а луѓето подоцна ги решаваат тие потреби. За разлика од нив, шопинг моловите создаваат – желби. Тие се, ете, виртуелна стварност во забарикадиран свет. Шопинг молот ви праќа порака дека и во затворен систем има надеж; дека е убаво да знаете дека сите ваши потреби може да се задоволат во тие неколку илјади квадратни метри; дека, иако просторот е релативно мал, ви треба многу време да го прошетате и дека, кога повторно ќе дојдете, ќе видите нешто ново.
Градскиот трговски центар е изграден по меѓународен конкурс, распишан во 1967 година, во екот на големата обнова на Скопје по земјотресот, по проект на тим архитекти, предводени од денес починатиот Живко Поповски. Во тоа време, тој не претставуваше само симбол на изградбата на новото Скопје, туку уште повеќе симбол на вклопувањето на Скопје во светските текови и стандарди. Тој беше слика за претставата што тогашните жители на главниот град со радост ја имаа пред себе – дека и Скопје е свет. Денес, ако судиме според владеечките политички догми, светот и не е бог знае какво место за живеење. Ако е потребно (а, ете, излезе дека е потребно) ние ќе си направиме свет за себе, сопствена планета во која ќе бидеме среќни и весели, нормално под успешното раководство на Партијата и нејзините барокни лидери.
Значи, Градскиот трговски центар е само еден несакан спомен на периодот кога Скопје беше град на солидарноста, инаку термин кој не е само обична флоскула, само проста форма, туку сериозна содржина, исполнета со, веројатно, најголемата комуникација што овој град кога кога ја имал не само со архитектонските, културните, уметничките текови, туку воопшто со сите трендови што светот го туркале напред.
Затоа, Трговскиот центар мора да умре. Како што полека умира Старата железничка станица, како што се сменети имињата на улиците, како што се фасадира сè што потсетува на тој период. Едноставно, не смее да остане ниту еден камен од нештата што потсетуваат на времињата кога изгледаше дека градот има свој просперитет.
Авторот на овие редови влегува во онаа генерација која беше сведок на времето кога се градеше Градскиот трговски центар и чии припадници со чудна веселост го расшетуваа. Уривањето на традициите е позната овдешна дисциплина, но сепак не очекував дека ќе бидам дел од генерацијата која го дочека Трговскиот центар и која ќе го испрати во вечноста. Тоа, слободно може да се каже, не е победа на накарадната актуелна политика, туку генерациски пораз – бришење на цел еден живот!

АРХИТЕКТИТЕ СЕ СВЕСТИЈА: АКО НЕ ГО КАЖЕТЕ ТОА СЕГА, ПОДОЦНА ЌЕ БИДЕ ДОЦНА



извор: Глобус


Цветот на поствоената архитектура во тогашна Југославија и Источна Европа - ГТЦ ќе се брани со граѓански отпор. Почетокот на отпорот ветува...
ЕКИПА НА ГЛОБУС
Неколку стотици граѓани кои се држеа за раце го прегрнаа Градскиот Трговски центар во петокот околу 19 часот и така останаа околу половина час. Ова беше нивниот одговор на намерите тој да се преоблече во барок. Тие уште еднаш порачаа дека нема да дозволат објектот со кој градот се гордееше да биде претворен во барокна архитектура., практично да се одземе еден од симболите на Скопје. Скопјани од сите возрасти, некои дојдени и семејно, го обиколија овој објект некаде и со трикратна алка од луѓе, кои дојдоа во толкав број, што идејата на организаторот - Асоцијацијата на архитектите, за држење со раце во еден човечки жив штит околу ГТЦ беше просто неизводлива, па луѓето на крајот стоеја и се тискаа во неколку редови околу зградата на Трговскиот, но и внатре, во неговите улици.

ГАЗЕЊЕ НА ГРАДОТ Сликари, поети, актери, архитекти порачаа да прастанат експириментите во градот и газењето по авторските права на видните и докажани автори.

ГТЦ е дело на архитектот Живко Поповски, кој остави во аманет дека не смее да се менува неговото дело од постмодерната. После секој говор граѓаните скандираа "Градот е наш, градот не го даваме", а ГТЦ наеднаш стана симбол на севкупната борбата за Скопје. Некои од паролите беа и: "Who the fuck is Жарко Чаушевски?" или "Колку ти чини Кољо меракот?"

Власта секако сака Трговскиот центар да го префасадира во барок стил и да го затвори. Тоа е нејзината идејна, политичка и комерцијална пресметка.

Против ваквата намера се голем дел од дуќанџиите во Центарот, како и станарите на петте кули во ГТЦ. Повикот и иницијативата за ваквата реакција против менувањето на ГТЦ дојде од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, организација која конечно се разбуди, веројатно и предоцна за да се спасат сите оние други објекти кои веќе отидоа јабана и да се спаси основното визуелно милје на метрополата..

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, беше единствен политичар кој јавно излезе и истакна дека објектот, кој е во негова територија, ја подржува и стои зад иницијативата на Асоцијацијата на архитекти на Македонија "Го сакам ГТЦ". Жерновски е против поставување на барокна фасада на објектот на Градскиот трговски центар, поради зачувување на автентичноста на еден од симболите на Скопје.

ГТЦ, инаку е проектиран од професорот Живко Поповски е едно од најзначајните дела на модерната македонска архитектура, а Поповски се смета за најзначајниот повоен македонски архитект. Жерновски се залага, за интервенцијата да има јавна расправа со архитекти и со граѓаните на Скопје.

И тој, како и Асоцијацијата бара Градскиот трговски центар да остане - градски.

ПО ГРАДСКИ Во масата не сретнавме многу политичари, што веројатно е и добро, бидејќи, докажа дека масата се собра онака, по градски, преку Интернет, гонета само со својата емоционална меморија и смисла за урбано. Како што искоментираа некои од присутните "тука нема сељачаана". Ниу една од мнозинството телевизии, провладини впрочем,. не најавија со ниту еден збор дека во градот ќе се случува ваков настан!

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и екс-министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, преку Твитер со реакција на протестот и симболичното "гушкање" на ГТЦ во стилот "присутните го сакале ГТЦ ама пазареле во Солун". Што да се каже!

Меѓу демонстрантите беше и Лидија Марковска, една од проектантите на ГТЦ, која рече дека градбата на ГТЦ е таква што е невозможно да се подигаат столбови - тоа нема да го издржи конструкцијата, вели Марковска. Таа од стручен аспект објаснува зошто е невозможно ГТЦ да се претвори во сосема друга градба. Инаку, Марковска е добитник на високата државна награда "11 Октомври", токму за работата на ГТЦ, на протестот попладнево ја донесе и плакетата, вознемирена раскажуваше дека веста за барокниот ГТЦ, кај неа предизвикал шок и неверување.

Пред граѓаните говореа професорите Митко Ралев, Елизабета Аврамовска, Небојша Вилиќ, Мартин Гулевски и претседателката на ААМ, Даница Павловска. Тие говореа за своите спомени од ГТЦ, за нетранспарентниот начин на кој е направен конкурсот за промена на објектот. Покрај архитектонските и културните вредности на ГТЦ, сите го истакнаа идентитеското значење на овој објект за Скопје и уште повеќе за сите негови граѓани.

Градскиот трговски центар е критика на дотогашниот интернационален стил кој владеел во архитектурата во Европа и во светот, на крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години на 20. век.
"Овој објект во времето кога се градеше беше еден од најсовремените во Европа, беше првиот претставник на т.н. концепт на отворена естетика што го започнаа германските и холандските архитекти

Живко Поповски работеше во Холандија и беше близок со тогаш, најголемите архитекти, како Ван дер Бруек и нивните идеи - кои тектонски ја поместија архитектурата - ги донесе во Скопје", рече за медумите проф. Јасмина Силјановска од Архитектонскиот факултет.

- ГТЦ по својата реализација и решение е објект без конкуренција во нашата градбена пракса - храбро почна Мартин Гулески, професор на Архитектонскиот факултет.

Тој нагласи и дека ГТЦ во времето на својата изградба бил актуелен во европски рамки како еден редок новитет во организацијата на своите функции.

- Господарот секогаш бара слуга, но слугата не мора да има господар - рече Гулески.

Професорката на Факултетот за архитектура Елизабета Аврамовска на петочниот собир од Асоцијацијата на архитекти на Македонија рече дека со менувањето фасади, посебно на ГТЦ се отвора вратата за негирање на авторството. "Се ужаснувам кога ќе слушнам дека ГТЦ бил комунистички објект, ако ГТЦ е комунистички тогаш Ле Корбизје е најголем комунист.

Секоја уметност треба да биде одраз на своето време. Во Париз се гради Филхармонија но личи и постетува на нашиот МОБ. Тоа кај нас сега се крие со некој псеудо барок, со некој стилови кои не се автентични" - истакна Аврамовска.

- Се ужасувам кога ќе слушнам дека за вкусови не се дискутира. Па архитектурата не е манџа, тоа е наука која се студира пет години, и цел живот се учи. Не може на ниво на вкусови да разговараме за тоа - порача Аврамовска.

Историчарот на уметност Никос Чаусидис потсети дека "има клетва која вели да ти се сотре огништето, тоа а најлошата клетва. Домот наш не е само станот, туку нашиот град и тоа е обид за уништивање на огништето наше" - рече тој.

- Мојата младост ја поминав овде на ова место кое се вика Ванила, Мусандра, Драгстор. Може ги нема сега како наслови, но ги има како простор. Кога поминувам се сеќавам на моите љубови, ако некој ми го промени тој простор, нема потреба да останам повеќе во овој град - рече професорот Чаусидис. - Денеска гледаме виртуелна архитектура. Ако денеска гледаме архитектура која што е лага и не доаѓа од времето од кое сугерира, од кое доаѓа, тогаш таа архитектура е лага. Дали се согласувате да живеете во лага - праша Чаусидис.

Небојша Вилиќ, професор на Факултетот за драмски уметности со несекојдневно музичко шоу им се обрати на насобраните граѓани кои дојдоа симболично да го гушнат ГТЦ.

"Kога разбрав што ќе се случува со ГТЦ, ја земав гитарата на син ми и за прв пат по 20 години свирам", рече тој.

Вилиќ на смеа кажа дека не знае дали ГТЦ е виновен што неговите брат и сестра се запишале на архитектура, а тој историја на уметност, споделувајќи со граѓаните дека додека студирал разбрал зошто објектот е важен и зошто се заљубил со него. "Кога станав наставник не можев а да не го употребувам како пример", изјави тој.

На сето тоа граѓаните гласно извикуваа "Градот е наш, градот не го даваме" и "Го сакам ГТЦ".

Општ е впечатокот дека ова е до сега најсилна опозициона реакција која ја направила некоја асоцијација или невладин и непартиски сектор. Се случи на денот кога една масовна појава како протестот на истанбулскиот Таксим, симболично, и покрај огромниот притисок на власта, даде резултати.

ПЕТИЦИЈА за зачувување на автентичноста на ГТЦ

Почнувајќи од 14.06. па навака, граѓаните имаат можност да ја потпишат петицијата за зачувување на ГТЦ во најавените термини во кои има дежурни лица и за време на настаните.
Следува текстот на петицијата:


П Е Т И Ц И Ј А


Скопје, 14.06.2013

Ние, граѓаните на Скопје, со нашиот потпис даваме поддршка за зачувување на автентичноста на еден од симболите на Скопје, објектот Градски трговски центар од проф. Живко Поповски и група автори.

Бараме да се признае вредноста на овој објект како едно од најзначајните архитектонски дела од периодот на Модерната во Скопје и да се поведе постапка за негова заштита како културно наследство на Македонија.

Бараме да престанат сите активности околу намерата за менување на изгледот и карактерот на објектот. Да не дозволиме да се направи историска грешка.

Бараме да се преземат мерки за  подобрување на сегашната состојба на објектот и тоа само преку реставрација и програмско заживување на објектот.
Каква било интервенција врз него мора да биде во согласност и со почит кон оригиналната замисла на авторот.
Бараме за каква било интервенција да има јавна расправа со професионалци од струката и со граѓаните на град Скопје.

Архитектонското наследство на градот е извор на знаење, меморија и култура кој имаме обврска да го чуваме за наредните генерации.
Градски трговски центар е и живо наследство, клучна пешачка артерија во градот. 
Бараме Градскиот трговски центaр да остане градски!





Во продолжение е додатниот текст кон петицијата:

Да го сочуваме Градскиот трговски центар затоа што е наш и затоа што:
  • ГТЦ е нераскинлив дел од идентитетот на Скопје и на неговото градителско, историско и културно наследство;
  • ГТЦ е дел и од нашата колективна меморија и од многуте лични интимни приказни;
  • ГТЦ, изграден во 1973 година според проектот на еден од нашите најпознати архитекти и првите професори на Архитектонскиот факултет Живко Поповски и група архитекти, е антологиски пример на македонската модерна;
  • ГТЦ е прилагоден на нашите климатски услови и има природна аерација, па во него е пријатен престојот во сите годишни времиња;
  • ГТЦ е отворен, јавен простор во кој можеме да разгледуваме излози туркајќи точак, со ролерки, шетајќи куче или со сендвич во рака и таа слобода на движење не смееме да дозволиме да се уништи со затворање со врати, нови фасади...
  • ГТЦ овозможува остварување, споделување, размена на многу мали, а важни социјални моменти;
  • На ГТЦ  му треба само малку нега со реставрација преку отворен дијалог со оние кои ја обмислуваат неговата архитектура,  а и со оние кои ја живеат неговата архитектура;
  • ГТЦ мора да остане автентичен, отворен, проточен, функционален...
  • Градскиот трговски центар мора да остане градски!

Да остане Градски трговски центар градски- Дејан Ивановски

Извор: okno.mk 


Градскиот трговски центар да остане градски!












Кога пред повеќе години професорот Живко Поповски (на едно од своите последни предавања) раскажуваше за значењето на трговските центри, ни оддалеку не помисувавме дека е возможно вакво нешто да му се случи на „нашиот“ градски трговски центар. Тој раскажуваше за тоа што значи архитектонски квалитет, што е важно за една зграда во која се движат многу луѓе, зборуваше за влијателноста на зградите, за нивното опкружување, за нивната припадност на целината, за содржината, за филозофијата на купувањето нешта!
Градскиот трговски центар и во своето име говори за комплексноста и опсежноста на своето делување, и секако, припадноста во контекстот како една влијателна социо-културна слика на градот. Како да раскажеш нешто, а да не бидеш протолкуван погрешно? Како да објасниш дека ова е едно писмо кое искрено, не знам каде е упатено... всушност, тие што го читаат писмово или се студенти по архитектура или пријатели на кои веќе им е познато ова за кое зборувам. Затоа мислам дека е залудно, но сепак ќе го довршам.
Пред неколку години еден пријател, сега успешен иселеник од државава, ми подари едно издание испечатено некаде 1972/73, издание кое зборува за целата постапка на градењето на градскиот трговски центар. Ми вели: книгава ми се мота по полици, мене не ми значи ништо, а ти цело време бамбориш дека ГТЦ е најдобра зграда во Македонија, а јас воопшто не сум забележал дека всушност таму постои некаква зграда!
За тоа зборуваше професорот: „како да направиш зграда која толку добро ќе се втопи во контекстот/опкружувањето што воопшто нема да ја забележиш дека постои”. Низ неа ќе видиш како паѓа снег, во неа ќе почувствуваш како дува ветер, ќе можеш да помисиш за тазе изгледаниот филм на терасата пред кино милениум, која патем гледа на железничката станица на Танге. Ќе можеш да паркираш кола на еден од најлогичните паркинзи во градот, и тоа направен пред четириесет години. Денес во Сити мол треба да направиш триесет маневри со волан за да паркираш возило. Ќе можеш да куглаш, и веднаш да се качиш на автобус, кој не случајно се движи низ самата зграда. Ќе можеш да се качиш по најувртените скали кои водат од „Стоилко“ кон „Плава лагуна”. Едвај чекам групата НаТочак да направи рута која ќе се качи по рампата, пешачката рампа, која води од Жена парк кон пицеријата Џино, можеби единствена во градов на која секој точакџија барем еднаш се има забрзано надолу.
Да не малтретирам понатаму со мојата емоционална осетливост, но сигурен сум дека ова чувство го делат многу скопјани, стари и нови!
Ако вака е значајна зградата одвнатре, сигурен сум дека барем толку, ако не и повеќе е значајна однадвор. Би било досадно да објаснувам какво е чувството да го набљудуваш овој брод наречен ГТЦ од кулите на Александар Серафимовски, или од Кале, од Водно.
Авторите на новото „обликовно“ фасадно решение на ГТЦ сигурно не го доживеале ова за кое говорам. Сигурно пијат кафе во Рамстор, гледаат филм во Сити мол и уживаат во амбиентот на слаткарница Палма. Мислам дека го „фатиле“ професор Поповски како последна генерација по предметот Архитектонска теорија, и уверен сум дека имаат најмногу 6. Патем ги познавам, и сигурен сум дека од утре нема да ме поздравуваат на улица. Па после ваква сработена работа, подобро да си завртиме глава. Јунаци едни!

Го сакам ГТЦ vol.3

Третиот настан организиран од иницијативата ``Го сакам ГТЦ`` се одржа во паркот Жена Борец. Настанот е наречен ГТЦ ФОРУМ и претставува отворена трибина за јавна дебата на стручната јавност од повеќе полиња : архитектура, уметност, новинарство и др. како и за секој граѓанин со била каква позадина.

http://www.telma.com.mk/index.php?task=content&cat=1&rub=6&item=28378

И ГТЦ ЌЕ ГО ОБЛЕКУВААТ ВО БАРОК

30.05.2013

извор ТЕЛМА 



Директорот на Градски трговски центар (ГТЦ) Аго Абазовски и 4 - члена од конкурсната комисија одлучиле ова архитектонско дело на еден од најпознатите македонски архитекти Живко Поповски, кој почина пред неколку години, да го „преоблечат“ во ...
slika
Идејно решение
Директорот на Градски трговски центар (ГТЦ) Аго Абазовски и 4 - члена од конкурсната комисија одлучиле ова архитектонско дело на еден од најпознатите македонски архитекти Живко Поповски, кој почина пред неколку години, да го „преоблечат“ во  барок. ГТЦ е врвно авторско дело на архитектот Поповски, прво од ваков вид не само во Македонија, туку и во регионот, за што беше наградувано и посочувано како пример за модерно организирање на трговско деловен центар.
Но сега во духот на подновувањето на центарот со средновековниот барок, за актуелните раководители, поприфатлив е  предлогот на авторите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, кои осмислија токму вака да изгледа трговскиот центар во срцето на Скопје.

Предвидено е да се изгради уште еден кат ,целосно да се  затвори и на крајот да се фасадира во барокно-класичен - футуристички стил. Во официјалното соопштение се вели дека ова фасадно обликување најдобро се вклопува во ново планираните реконструкции на фасадите во околината.

Градоначалникот на Скопје не сака да коментира, затоа што  трговскиот не е во надлежност на градот, но  негова заложба е да продолжи  реновирање на фасадите на околните згради.

Доста е  со менување на  изгледот на Скопје,со барокот и со поставување на скулптури низ центарот, велат граѓаните.

Го сакам ГТЦ vol.2

Вториот настан организиран од иницијативата ``Го сакам ГТЦ`` се одржа во паркот Жена Борец, од јужната страна на Градскиот Трговски Центар.
На овој настан беа поставени три кутии во кои секој граѓанин можеше да напише порака до Управата на Градскиот Трговски центар, до архитектите на новата псевдоисториска фасада како и да одговорат на прашањето  Зошто го сакам ГТЦ?
Истовремено на една од терасите на објектот се проектираа досегашни цитати, изјави во новини и на социјалните мрежи.




Го сакам #ГТЦ. Уште повеќе го сакам изразот на човечка креативност и виртуозност, како што е ова архитектонско дело.




Зашто мора на другите да им откриеме дека не живееме во 21 век? #ГТЦ



Не можете да го менувате #ГТЦ како сакате! Немате право!!! На нашите родители од плата им било одбивано за истиот да се изгради!