Showing posts with label колумни. Show all posts
Showing posts with label колумни. Show all posts

Wednesday, December 10, 2014

ГТЦ, остани свој! - Јорданка Ивановска - Јоци

Јорданка Ивановска - Јоци порачува: „ГТЦ, остани свој!“
(преземено од Facebook профилот на авторката со нејзина дозвола)




Мој скромен придонес против барокизацијата на ГТЦ, поточно нешто во духот на акцијата за одбрана на ова здание од налетот на примитивистичкиот и корумпиран естаблишмент. (јас не знам графички да дизајнирам, да дотерувам слики, но сум пишувач).

Всушност страната од ГТЦ, јужната од приземјето, која гледа кон паркот на Жената-борец е мојата омилена. Еве ќе ја наречеме-женската страна на ГТЦ.
Јас во овој трговски центар поминував часови и часови како дете-80-те години, а подоцна таму беа и едни од најдобрите дискотеки-„Огниште“ и „Мусандра“. Потоа „Змија“, „Чао“ и некои помали и потесни со краток рок на траење.
Го знам секој агол, секој валкан простор. Бидејќи ГТЦ во своите најдобри времиња имаше и светли, но и темни нечисти места, како на пример најдолниот дел, кај маркетот, драгсторот, „Шехерезада“, ташнарот, копчарот. Или страната од кај „Чичко Стоилко“, секогаш мрсна и со излепени мастики по плочникот.

Секако, не дека јас шетав како дете сама, туку по желба на мојата мајка, која го обиколуваше од 3 часот попладне (после градинка или училиште), па се до 20 часот вечерта, додека не се затвореа сите дуќани. Се познаваше со многумина по продавниците, таква и беше работата, контакти со многу луѓе, додуша таква и е отсекогаш и ѕвездата. И’ даваа попусти, отплата на илјада рати, вадеа ствари од под пултовите..имаше една жена , која се викаше Правда, а работеше во еден дуќан „Хит“, мислам дека денеска на тоа место се наоѓа „Пјер Карден“. Таму веројатно ми беше најдосадно, па затоа и изглегував надвор и шетав низ тој дел, кој гледа кон паркот. Во близина имаше едни црвени бутки за виршли, тој роштиљ шмек се ширеше насекаде.
Некаде околу 20 часот беше време за вечера-пица во „Ванила“ на крајот од трговскиот. Бујото донесе машини за пици на почетокот на 80-те и тоа беше вистински хит за скопјаните. Редици луѓе трпеливо чекаа за маса. Немаше карање, буткање, скокање преку ред, навреди како денеска. Луѓето тогаш беа попристојни, потрпеливи, поголеми дами и џентлмени..и не влегуваа со автомобилите во срцето на трговскиот центар. Имаа манири, а и мнозинството имаше пари.

ГТЦ е базата на модата и забавата во 80-те и 90-те. Модерна бела градба која како магнет те влече макар и само да поминеш низ него, а ништо да не купиш. Да се надишеш екстраваганција, да се почуствуваш скопски. Таму беа „Трготекстил“, „Југоекспрт“, „Словенија спорт“, „Мура“, нешто незамисливо за денешно време, кога кинеската, турска и корејска мануфактура владее со секоја пора во градот. А и така некако се однесува мнозинството-лажно и ефтино. Прикладно на ова време.

СЕкако ГТЦ не беше само една голема продавница. Тука е и небото кое се гледаше кога ќе ја подадеш главата од железните шипки и ќе погледнеш нагоре. Беше прекрасна глетка кога ќе почне да врне снег.
Она поважното, кај некој столб, агол, излог, тука е веројатно и трагата од понекој бакнеж. Всушност, на секој агол веројатно има по некој бакнеж, кој барокот чека и се надева дека ќе го измие како со белило од хлор.

Како се случи блиски членови од семејството Бајрам заедно со владата меѓудругото да одлучуваат за нешто толку важно за граѓаните на овој град? Не го знам одговорот искрено. Знам само дека не смее да се дозволи, не смее да се развее бело знаме за барок-примитивизмот.

Јорданка Ивановска - Јоци

Wednesday, July 10, 2013

Барокот ќе го укине отворениот поглед на свет на ГТЦ- интервју со Небојша Вилиќ

извор: Утрински весник, 16.06.2013, 17:11

„Вредноста на Градскиот трговски центар парадоксално, но вистинито, дури во петокот ја покажа целата своја големина“, вели Небојша Вилиќ

Катерина Богоева

Бевте меѓу организаторите и говорниците на протестот „Го сакам ГТЦ!“, а во петокот и „го гушнавте“ Градскиот трговски центар заедно со дел од Вашите колеги, држејќи се за раце во направената низа од луѓе од различни генерации меѓу кои имаше сликари, скулптори, новинари, архитекти... Како историчар на уметноста, сметате ли дека вредноста на самиот објект е доволно голема што успеа да привлече стотици граѓани или требаше да се погоди моментот за ваков достоинствен и мирен протест?

Да, сметам. Вредноста на Градскиот трговски центар парадоксално, но, вистинито, дури во петокот ја покажа целата своја големина. Можеби и помалку поради својата теориска (архитектонска, урбанистичка или естетска) вредност: стручната јавност за нив знае од самиот почеток. Но, тоа што се случи ја покажа токму неговата практична, употребна и, конечно, урбана вредност во најголемиот нејзин сјај: неговото функционирање како урбана и урбано осмислена структура, која најчесто не ја ни гледаме, за која понекогаш не сме ни свесни, но што ја живееме! Кога се потврди дека сите ние ќе изгубиме еден таков суптилно вткаен организам во нас, кој не само што живее во нашите сеќавања од младоста туку кој секојдневно е вткаен во нас, тогаш се побуди една психосоматска реакција (и мене лично ми требаше време да ја сфатам природата и коренот на мојата реакција). А тоа е, по дефиниција, целта на секој современ проект: да се вгради во нас и со тоа да произведе еден нов и подобар општествен и друштвен поединец со неограничено отворен поглед на светот, каква што е, впрочем, и неограничено отворена и формата на ГТЦ.

До што може да доведе планираното менување на изгледот на ГТЦ во барок?

Токму до тоа: укинување на тој и таков неограничено отворен поглед на светот и негово затворање во зандани. Да не заборавиме, архитектурата денес воопшто не е во нејзината форма (тоа одамна заврши), туку најмногу во нејзината способност да создава нови општествени односи и културни вредности. Новите односи што ги создаваат новите трговски центри од затворен тип (во кои не велам дека луѓето не се среќаваат), во суштина, е сведена само на трговските аспекти на капиталот: доаѓате, разгледувате, одморате во кафуле (затоа нема слободни клупи), се одлучувате што да испазарите и се враќате да го купите тоа или, пак, седнувате во кафулето откако сте испазариле за да здивнете од бомбардирањето со брендовите од излозите или во брендираните продавници. Помислете и сами: колку пати сте поминале од ГТЦ само да ја скусите патеката за да стигнете до местото каде што сте тргнале, а притоа не сте испазариле ништо, а патем сте сретнале некој познајник. Општествената состојка и суштина на ваквите отворени концепти и можностите што ги нудат, еве, да ги потврдам со порака на една девојка во петокот на Фејсбук: „Ви благодарам што го запознав Ш...Ќ“.

Колку и како влијаат актуелните архитектонски и урбанистички промени во Скопје на визуелните и на естетските перцепции на неговото културно живеење?
Проектот „Скопје 2014“ се покажа како исклучително сложен феномен што најсериозно досега ги соочи македонските творци, но и целата култура, со еден сериозно одговорен тест. Настрана отсуството на широката јавна расправа и неговото еднострано наметнување. И тука не се работи за тоа кое е „за“, а кој против, како што несреќно или, пак, со намера се протолкуваа ставовите околу него. Проектот самиот од себе ја засегна и ја поништи неговата основна намера - центарот на градот да смени нешто на подобро или на повеќе: колку луѓе се „за“, толку се и „против“; колку што има луѓе кои доаѓаат да се фотографираат и да го обожуваат, исто толку луѓе веќе не доаѓаат во центарот. Значи, не се постигнало ниту нешто повеќе ниту нешто подобро. Освен една работа (што не беше/е намерата на проектот): тој веќе изроди еден постефект - се појави протестна и критичка уметност и култура, нешто што отсекогаш и' недостасувало на Македонија и нешто што е најзначајно за одржување на духот на Градот. Убеден сум дека проектот се' повеќе ќе генерира реакции - тоа го започна Првата архибригада, го потврди „гушкањето на ГТЦ“, а ќе продолжи, очекувам, со ризоматско графитирање на архитектурата и спомениците како стратегија на (овој пат) урбано (наспроти тековното центристичко и насилничко) префасадирање.

Културното и уметничкото живеење во градовите подразбира и простор во кој граѓаните можат да ги изразуваат своите потреби како автори и како консументи. Што мислите, каде е Скопје денес на тоа поле во однос на тенденциите во регионот и пошироко?
Во теоријата одамна веќе се заговара тезата за враќањето на големите наративи, особено во пишувањата на Квентин Скинер, или барем нивното преиспитување и реактуализирање. Нивното спроведување во практика најочигледно беше со победата на Хајдер во Австрија или забраната за носење бурка во Франција. Цела Европа се соочува со барањето излез од унифицирачкиот глобализам, тоа е повеќе од очигледно, а ова е, според некои, еден можен излез. На Балканот таа теза само ја најде најплодната почва: почнувајќи од Грција, преку Србија, завршувајќи се' до Хрватска и Унгарија. Но, мислам дека ние отидовме предалеку и најдалеку - ја реифициравме таа идеја до крајни, наполно апсурдни граници. Не се задоволивме само со донесување на таквите идеолошки и, оттука, културни политики и стратегии преточени во законски рамки (како и сите наведени други држави) токму поради тоа што тие се лесно и остварливо менливи. Најмарксистички и најмодернистички ја спроведовме теоријата во практика: ја материјализиравме теоријата во конкретни градби олицетворени во архитектурата на (засега) центарот на главниот град, но не помалку и во скулптурата (распослана скоро во сите градови). А токму поради тоа: никој да не може утре да ги смени, отстрани, префасадира и за да останат како траен запис за едно време и една идеја која постоела на овие простори.

Ќе Ве видиме ли повторно како пеете и свирите на гитара во започнатата „борба“ за зачувување на изгледот на ГТЦ!
Не. Се враќам во Струга и на работата на мојата нова книга „Силувајте го Скопје! кн. 2“.

Monday, July 1, 2013

ОСЛОБОДУВАЊЕ НА СКОПЈЕ Е ПИЕСАТА КОЈА НЕ’ ЧЕКА ДА ЈА ОДИГРАМЕ- интервју со Александар Поповски

Театарскиот режсер Александар Поповски е еден од најафирмираните во својата област надвор од Македонија. Постојано е во некој од европските или екс-југословенските театри, каде ги поставува своите претстави. Во изминатата година имаше три премиери во Хрватска, а моментно работи на Словенија. Но, повод за ова интервју не се неговите театарски проекти, туку најавата за реконструкција на „Градскиот трговски центар“. Александар е емотивно поврзан со „ГТЦ“, бидејќи авторот на тој објект, Живко Поповски е негов чичко, па сето ова има и лична димензија...

Најавите за промена на изгледот на „Градскиот трговски центар“, односно негово „преоблекување“ во барокно руво, сосема логично дека те возбудија, бидејќи не си само граѓанин на Скопје, туку и близок роднина со архитектот Живко Поповски, автор на „ГТЦ“. Која беше твојата прва реакција, кога слушна за оваа намера на властите?
Прва работа на која помислувам кога мислам на чичко ми Жико е лептир-машната (слика долу). Господин со лептир-машна, качен на велосипед, како Дон Кихот, кој крстари низ скопските улици. Скопје беше централната тема на сите наши семејни собирања. Приказните за „она“ Скопје, а тоа она е пред и по земјотресот, за ова - тоа беше Скопјето кое настануваше по 90-тите и она што Скопје треба да биде. Никогаш нема да ги прежалам локалните избори кога Живко сакаше како независен кандидат да се кандидира за градоначалник. Тогаш собиравме потписи, ама и тогаш, како и денес, Македонија знаеше да размислува единствено низ партиските матрици. Големиот брод „ГТЦ“ првпат го видов како дете. Баба ми Иконија ме водеше за рака да го најдеме нејзиниот син кој нешто градеше во центарот на Скопје. За мене „ГТЦ“ секогаш ќе биде таа лептир-машна, која Скопје го прави урбан господин.
Живко Поповски е еден од најреномираните и најпочитуваните македонски архитекти, а „ГТЦ“, на некој начин негово најреферентно дело, барем за јавноста. Што му значеше овој објект нему лично?
За Живко, Скопје беше главната тема во секоја пригода. Така и дојдов на идеја да ја направам серијата „Досие Скопје“, на гробот на баба ми Иконија додека ми раскажуваше приказни за оние кои се погребани покрај неа. Неговите приказни за Скопје секогаш имаа доза на фантазија и не секогаш соодвествуваа со реалноста. Темите, главно, беа - Скопје не смее да се шири накај Аеродром, туку кон Скопска Црна Гора (Скопје се прошири кон Аеродром), Водно мора да остане недопрено заради струењата на воздухот (горе се изгради ѕид), урбаната мафија е најголемото зло кое му се заканува на градот (на ова немам што да додадам).... Се разбира, не станува збор само за Живко, туку тука беше цела група од Архитектонскиот факултет, професори со сопствена мисла и дигнитет, кои заговараа урбано Скопје. Дел од тие професори се најзаслужни што денес градот ја има првата македонска архи-бригада. Тој ден кога студентите беа нападнати од страна на верници, љубители на сендвичи, беше денот кога Скопје почна да го добива ова лице. Тој ден кога ќе ја избришеме таа неправда ќе биде денот кога ќе си го вратиме Скопје назад. Песната „Градот убав пак ќе никне“ има во себе неверојатна симболика. Еден ден пак ќе ја пееме гласно. Ослободување на Скопје, тоа е пиесата која не’ чека да ја одиграме.
Што би направил Живко во оваа ситуација? Би повикал на јавни протести и потпишување петиции, или правото за заштита на своето дело би го побарал по судски пат? Дали нешто од ова ќе го преземе семејството? Какви се вашите опции за да го спречите она што сметате дека не треба да се направи?
Кога диктатурата е факт, револуцијата станува нужност. Не верувам во правен систем, не верувам во мирни протести, потпишување петиции, не верувам во ништо што е решавање на проблемот низ институциите. Секој добар вестерн не’ учи дека каде што не владее законот на правдата, владее законот на посилниот. За жал, мислам дека се’ повеќе се употребува методот (чиј оригинален автор е Слободан Милошевиќ) на оние кои не се согласуваат со власта да им се спротистават оние кои таа власт ја поддржуваат. Тоа е страшна појава, која доведува до финален судир меѓу народот. Од една страна, имаме луѓе кои се обидуваат да ги оставарат сопствените слободи и права, кои им се загарантирани, а од друга , група христијани - мераклии по сендвичи и тепање. Иако во моментов се чини дека слободните се послаби, само е прашање на момент кога ќе можеме да си кажеме may the force be with you! Тажно е што во моментов работите се такви да Македонецот му е најголем непријател на Македонецот. Мојот драмски чичко, Горан Стефановски, вели: „Не се живее вака. Милиони живеат во бункери. Ѕиркаат надвор низ нишан на снајперот. Каде води тоа? Ако е така, нема спас. А без спас нема живот. А без живот... нема ништо. Има смрт“. Затоа, кога следниот пат ќе испратите чета љубители на сендвичи, замислете се над овие зборови на авторот проповедник. Иако ви се чини дека во моментот сте на страната на победниците, времето ќе покаже дека сте биле џелатот. Патем, истото се покажа и со авторот на методот НАРОД против НАРОД - Слободан Милошевиќ. Не верувам во петиции и собирање потписи, верувам во физичко поместување на идеите и ставовите.
Во едно интервју токму авторот рече дека „ГТЦ“, всушност, не е направен целосно, односно е недовршен. Со оглед и на фактот дека е изграден пред 40 години, не мислиш дека му треба некакво реновирање? Ти би се согласил на нешто такво?
Едно е да реновираш, а друго е да промениш лик. Прво, од каде воопшто таа идеја за барокно Скопје? Македонија и барок. Жирафа да спариш со верверичка. Не мислам дека има нешто лошо во тоа да се гради. И јас сум за тоа, никогаш не сум бил против. Но, не се согласувам со она што се гради. За мене естетиката не е далеку од етиката. Да ме мачат Германци нема да кажам дека ми се допаѓа. Сељачки е! Многу е сељачки! Не доаѓа во предвид да се согласам со „Скопје 2014“. Идејата да се гради градот ја сметам за извонредна и ја поддржувам, ама не и нејзината реализација. Скопје има грд центар! Центарот на Скопје е како една соба, кај една тетка што имаше витрина полна со глупави вазни и сервиси, од кои никој не јадеше и не пиеше. Потоа имаше гондола од Венеција на телевизорот, преку кој паѓаше миленце. Во спаланата соба имаше голема кукла, ставена на кревет, кој имаше една идиотска прекривка. Сите овие елементи се легитимни, ама се сељачки! Ги молам сите селани да не ме сфатат погрешно, јас немам ништо против нив, ниту против селото. Зборот сељачки има врска со дефиниција за табиет, кој не ги почитува основните естетски постулати, туку си тера по свое.
Ти еднаш изјави: „Да беше жив чичко ми, немаше да дозволи онаков музеј на Мајка Тереза да се подигне во Скопје“. Денес, гледаш авторитет од струката, кој може да не и’ дозволи на власта да направи нешто?
Дали еден човек има сила да го промени светот? Некогаш во тоа верувавме. Не гледам причина да не научиме повторно да веруваме. Денес сме поделени на наши и нивни. Ние сме сами и не му припаѓаме никому, тие се организирани, и имаат и сендвичи и автобуси. Сите ние сме авторитетот кој треба да каже за она што е добро дека е добро и за она што не е, дека не е. Страшно беше сиве овие години да се гледаат и слушаат професори, доктори, писатели, архитекти, новинари, правници..., кои застапуваа и се’ уште застапуваат тези на било која власт. Власта еден ден, кога тогаш, ќе си замине, а тие никогаш нема да можат да бидат она што биле. Денес им се чини дека кредибилноста не е важна, ама утре ќе плачат. Здружението на архитектите го кажа својот збор. Тоа е голема работа за мене, тоа е авторитетот кој се спротивставува со аргументи и во одбрана на струката. Дали авторитетот ќе ја совлада власта? Јас во тоа верувам.
Сепак, се чувствуваш ли немоќен и фрустриран кога гледаш како „кучињата лаат, а карванот си поминува“? На пример, кога се сечат дрвја во три часот по полноќ.
Повеќе на тоа гледам како на процес на чистење, Хигиеинска фаза. Македонија ќе мора да се пресмета со сопствената идеја за тоа каква држава сака да биде. Десет години живеевме без никаков јасен концепт. Оваа влада влезе на бришан простор и испостави силна идеја на симболи и пароли. Стави концепт со конкретни и видливи знакови. Сето тоа е легитимно и морам да признаам, нешто што го сметам за исправно. Не гледам ништо лошо во тоа, напротив мислам дека ни беше потребен концепт. Но, дали оваа Македонија е онаа на која и’ се радував и која се раѓаше во раните 90-ти, додека како момче продавав „Млад борец“ на улица и бев среќен што не’ чека ново утро? Не! Денес се’ уште не можеме да зборуваме за судир на концепти. Денес зборуваме само за несогласување со она што овој концепт го носи. Задачата на едно можно граѓанско движење, кое тлее во земјата, е да изроди нов, слободарски концепт кој на своето знаме ќе ги запише зборовите: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар”. Се’ додека на барокот не му спротиставиме конкретна мисла, тој со својот бетон ќе ја стврднува и бетонира нашата слобода.
Која е твојата порака до архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, чие е идејното решение за новата фасада на „ГТЦ“?
Кој ги шиша! Да даде Господ да им падне аутокадот во којшто работат. Т-лењири да сонуваат цели ноќи.
Како ти ја објаснуваш актуелната барокоманија? Што мислиш дека стои зад неа?
Кога одиш накај Халкидики, лево од Неа Мудања има една продавница за гипсани фигури. Лебеди, кипови, делфини , фонтани... Грците многу сакаат така, по двор да ставаат такви, едни бели од гипс. Добро одат со бузики и со зазики. Разлика меѓу „Скопје 2014“ и овој дуќан нема. Тоа е истиот мајстор. Кој стоји за барокоманијата? Тој Гркот што продава гипсани фигури на глупави туристи.
Од позиција на театарски човек, што мислиш за новиот стар МНТ? Неодамна се одржа некој вид негово отворање, но без најавената премиера, и со уште доста незавршени работи. Кое е твоето мислење за тој објект, како потреба, како симболика, како архитектура и како политичка порака? Дали тој ќе помогне да се обединат или уште повеќе да се разединат театраџиите?
Премногу неправда ми направија за да можам да се радувам на било што, поврзано со театрот во Македонија. Стар сум да заборавам, а глупав сум да простам. Какви театарџии? Такво нешто не постои. Ние сме скарани, разединиети и јас воопшто не се чувствувам како дел од таа сцена. Почесто се срамам од своите колеги одошто се радувам на она што го создаваат. Тие не ме сакаат мене, јас не ги сакам нив. Јас сум против и ќе бидам против. Зошто? Така, затоа што никој не ме праша дали сум за. Затоа сум против. Жал ми е што не можам да им помогнам на младите кои доаѓаат и кои не се плашат од ништо, за разлика од старите кои одат да изразат благодарност. Зошто мене никој не ме кани кога се договараат да одат да се заблагодарат? Можеби и јас сакам да се заблагодарам? И јас си ја сакам министерката за култура! Едно знам сигурно - јас ќе го работам „Ослободување на Скопје“, а после... после ќе се видиме. И само да се знае, идејата за изградба на стариот театар во оваа форма е стара и ја започна Благоја Стефановски. Тогаш Живко Поповски се спротистави на предлогот да се гради оваа реплика. Како и за многу други работи се согласував со него. Отсекогаш говорев дека ни треба НОВА зграда за театар.

Градски трговски центар- Ѕвездан Георгиевски

Извор: Мактел
Иако одлуката Градскиот трговски центар да се преобрази во своевидно барокно шопингмолско чудовиште ги има сите шанси да влезе на списокот на најголемите будалаштини што ни се случиле во последната петолетка од нашите животи, сепак тоа е потег кој има своја внатрешна логика. Малку извртена, ама сепак – логика!
Како прво, се чини дека раководството на Акционерското друштво Градски трговски центар подолг период , најблаго речено, го мрази објектот со кој стопанисува. Имено, веќе 15-та година наназад се распишуваат разно-разни конкурси за негово преобликување, доградување и воопшто за видоизменување на можеби најдобрата, најфункционалната и секако една од најубавите урбани целини во Републиката. Иако ГТЦ, според некои податоци, има вкупна површина од 114.000 квадратни метри (паркинг простор, приземје и два ката), што го прави еден од најголемите вакви центри на Балканот, и иако третиот кат речиси и не работи, сепак, идејата тој да се надгради (и прошири) за некои седум до десет илјади квадрати функционира уште од пред почетокот на овој милениум и, како што се чини, со власта што вообичаено проширува и надградува оваа идеја е на повидок да се реализира, па макар од Трговскиот центар да произлезе некаков барокен франкештајн. На крајот на краиштата, се чини дека освен изнајмувањето и продажбата на деловниот простор, АД ГТЦ воопшто никогаш и не се грижело за потребите на консументите (само како пример – проблемот со јавните тоалети, или онаа непрекината сага со управувањето на киното „Милениум“).
И, второ, Градскиот трговски центар е една од ретките успешни урбани приказни кај нас. Прозрачен е и транспарентен, отворен за проток на идеи, стока и луѓе. Служи како коридор за поминување од еден дел на градот кон друг. Вклопен е во средината: има поглед кон парк и кон река. Има добро решена комуникација меѓу катовите (еден од првите објекти што во себе ги вклопи и таканаречени рампи за лица со посебни потреби). И, како таков, во државата (намерно велиме државата, а не власта) што не може да засмисли било што што мириса на урбана култура, едноставно, не може повеќе да опстане.
Со други зборови, со најавената промена Градскиот трговски центар не го губи само својот визуелен (естетски) идентитет (што, самото по себе, е достаточна постапка работата да се нарече вандализам), туку го губи севкупниот идентитет – целта на сопственото постоење. Според најавените планови, имено, тој од трговски центар од отворен тип треба да прерасне во затворен шопинг мол, нешто што, колку и да ги поврзува трговијата (и профитот), е сосема различно од намената и функцијата на класичните трговски центри.
Шопинг молот е, значи, сето она што трговскиот центар не е. Тој е опкружен со цврсти ѕидови. Нема излози и надворешниот свет не смее да види што се случува внатре. Надворешниот свет не влијае и не смее да влијае врз она што се случува внатре. Тој е затворен систем, самодоволен самиот за себе. Со неговите содржини, лесно лесно може да се замисли дека еден просечен човек (или потрошувач, како што милуваат да кажат трговците) може да го помине целиот живот во таа чудна коцка, без да има никаква потреба да дознае како живее надворешниот свет.
И порано, навраќајќи се на слични тема, веќе констатиравме дека шопинг молот е прилично фамилијарен со македонскиот просечен граѓанин. Како да е граден по примерот на македонската држава. Македонскиот резидент мошне добро знае како изгледа да се живее виртуелен живот; да се живее во наводно отворен простор, од кого тешко се излегува и кој не трпи влијание од надворешниот свет, ниту има амбиции да влијае врз надворешниот свет; каде што, ако имате минимални културни и социјални потреби, место за преспивање и, се разбира, соодветен шопинг мол, можете да го поминете целиот живот без да забележите (и, уште повеќе, без да ве интересира) што се случува таму некаде надвор.
Ете, затоа Градскиот трговски центар мораше да – умре!
Од друга страна, социолозите и психолозите веќе констатирале дека трговските центри продаваат слики и потреби. Поточно, создаваат потреби, а луѓето подоцна ги решаваат тие потреби. За разлика од нив, шопинг моловите создаваат – желби. Тие се, ете, виртуелна стварност во забарикадиран свет. Шопинг молот ви праќа порака дека и во затворен систем има надеж; дека е убаво да знаете дека сите ваши потреби може да се задоволат во тие неколку илјади квадратни метри; дека, иако просторот е релативно мал, ви треба многу време да го прошетате и дека, кога повторно ќе дојдете, ќе видите нешто ново.
Градскиот трговски центар е изграден по меѓународен конкурс, распишан во 1967 година, во екот на големата обнова на Скопје по земјотресот, по проект на тим архитекти, предводени од денес починатиот Живко Поповски. Во тоа време, тој не претставуваше само симбол на изградбата на новото Скопје, туку уште повеќе симбол на вклопувањето на Скопје во светските текови и стандарди. Тој беше слика за претставата што тогашните жители на главниот град со радост ја имаа пред себе – дека и Скопје е свет. Денес, ако судиме според владеечките политички догми, светот и не е бог знае какво место за живеење. Ако е потребно (а, ете, излезе дека е потребно) ние ќе си направиме свет за себе, сопствена планета во која ќе бидеме среќни и весели, нормално под успешното раководство на Партијата и нејзините барокни лидери.
Значи, Градскиот трговски центар е само еден несакан спомен на периодот кога Скопје беше град на солидарноста, инаку термин кој не е само обична флоскула, само проста форма, туку сериозна содржина, исполнета со, веројатно, најголемата комуникација што овој град кога кога ја имал не само со архитектонските, културните, уметничките текови, туку воопшто со сите трендови што светот го туркале напред.
Затоа, Трговскиот центар мора да умре. Како што полека умира Старата железничка станица, како што се сменети имињата на улиците, како што се фасадира сè што потсетува на тој период. Едноставно, не смее да остане ниту еден камен од нештата што потсетуваат на времињата кога изгледаше дека градот има свој просперитет.
Авторот на овие редови влегува во онаа генерација која беше сведок на времето кога се градеше Градскиот трговски центар и чии припадници со чудна веселост го расшетуваа. Уривањето на традициите е позната овдешна дисциплина, но сепак не очекував дека ќе бидам дел од генерацијата која го дочека Трговскиот центар и која ќе го испрати во вечноста. Тоа, слободно може да се каже, не е победа на накарадната актуелна политика, туку генерациски пораз – бришење на цел еден живот!

Да остане Градски трговски центар градски- Дејан Ивановски

Извор: okno.mk 


Градскиот трговски центар да остане градски!












Кога пред повеќе години професорот Живко Поповски (на едно од своите последни предавања) раскажуваше за значењето на трговските центри, ни оддалеку не помисувавме дека е возможно вакво нешто да му се случи на „нашиот“ градски трговски центар. Тој раскажуваше за тоа што значи архитектонски квалитет, што е важно за една зграда во која се движат многу луѓе, зборуваше за влијателноста на зградите, за нивното опкружување, за нивната припадност на целината, за содржината, за филозофијата на купувањето нешта!
Градскиот трговски центар и во своето име говори за комплексноста и опсежноста на своето делување, и секако, припадноста во контекстот како една влијателна социо-културна слика на градот. Како да раскажеш нешто, а да не бидеш протолкуван погрешно? Како да објасниш дека ова е едно писмо кое искрено, не знам каде е упатено... всушност, тие што го читаат писмово или се студенти по архитектура или пријатели на кои веќе им е познато ова за кое зборувам. Затоа мислам дека е залудно, но сепак ќе го довршам.
Пред неколку години еден пријател, сега успешен иселеник од државава, ми подари едно издание испечатено некаде 1972/73, издание кое зборува за целата постапка на градењето на градскиот трговски центар. Ми вели: книгава ми се мота по полици, мене не ми значи ништо, а ти цело време бамбориш дека ГТЦ е најдобра зграда во Македонија, а јас воопшто не сум забележал дека всушност таму постои некаква зграда!
За тоа зборуваше професорот: „како да направиш зграда која толку добро ќе се втопи во контекстот/опкружувањето што воопшто нема да ја забележиш дека постои”. Низ неа ќе видиш како паѓа снег, во неа ќе почувствуваш како дува ветер, ќе можеш да помисиш за тазе изгледаниот филм на терасата пред кино милениум, која патем гледа на железничката станица на Танге. Ќе можеш да паркираш кола на еден од најлогичните паркинзи во градот, и тоа направен пред четириесет години. Денес во Сити мол треба да направиш триесет маневри со волан за да паркираш возило. Ќе можеш да куглаш, и веднаш да се качиш на автобус, кој не случајно се движи низ самата зграда. Ќе можеш да се качиш по најувртените скали кои водат од „Стоилко“ кон „Плава лагуна”. Едвај чекам групата НаТочак да направи рута која ќе се качи по рампата, пешачката рампа, која води од Жена парк кон пицеријата Џино, можеби единствена во градов на која секој точакџија барем еднаш се има забрзано надолу.
Да не малтретирам понатаму со мојата емоционална осетливост, но сигурен сум дека ова чувство го делат многу скопјани, стари и нови!
Ако вака е значајна зградата одвнатре, сигурен сум дека барем толку, ако не и повеќе е значајна однадвор. Би било досадно да објаснувам какво е чувството да го набљудуваш овој брод наречен ГТЦ од кулите на Александар Серафимовски, или од Кале, од Водно.
Авторите на новото „обликовно“ фасадно решение на ГТЦ сигурно не го доживеале ова за кое говорам. Сигурно пијат кафе во Рамстор, гледаат филм во Сити мол и уживаат во амбиентот на слаткарница Палма. Мислам дека го „фатиле“ професор Поповски како последна генерација по предметот Архитектонска теорија, и уверен сум дека имаат најмногу 6. Патем ги познавам, и сигурен сум дека од утре нема да ме поздравуваат на улица. Па после ваква сработена работа, подобро да си завртиме глава. Јунаци едни!

Градскиот трговски центар- Никола Писарев

Извор: www.okno.mk
Градскиот трговски центар












Направићемо лепши и старији Дубровник – извика во деведесеттите еден офицер на ЈНА и го повлече чкрапалото на топот. Да го најдам денес би му рекол: џабе друже, не е така, пробаа да направат још лепше и старије Скопје ама срање направија, за црвлива слива не вреди.
Последниот (хронолошки, а не последниот како краен, оти ќе има уште којзнае колку) напад на 2014-от баталјон на барокоманската армија на глупоста е насочен кон Градскиот трговски центар. Овој пат нападот не доаѓа директно од генералштабот, туку од неговите квислиншки единици на теренот кои со ова сакаат да се потпикаат, да се умилкуваат, да покажат колку се лојални (демек во турско лојални биле само оние што јале лој , лој-јал-ни). Копирачите на непознатото (бидејки не верувам дека партијата на Амди Бајрам која го води ГТЦ се разбира од барок или што и да е слично) мислат дека генералите повеќе ќе ги сакаат ако со барокни орнаменти го нападнат и освојат ГТЦ. Прости им боже, тие всушност не се ни свесни што прават, не се свесни дека од утре секој во градов којшто ќе сака да догради, прегради, изгради, надгради во 100 чекори, а за тоа нема да има дозволи, ќе може тоа да го направи во барок избегнувајќи ги сите закони и процедури. Дуќанџиите внатре молчат нокаутирани, не знаат ниту што им се случува ниту што тоа значи, не знаат дека барокизацијата на ГТЦ ќе значи катанизација (затворање со катанци) на нивните дуќани, ако се затвори ГТЦ со скелиња и мајсторски дребулии заради преуредување, нека не се надеваат Мобимак, Оне, Вип, Стопанска и другите банки и бројните бутици и продавници дека реки луѓе ќе се чичкаат во нивните дуќани.
Новиот ГТЦ (недао бог да се направи) нема да биде дел од градот, нема да биде премин од еден дел кон другиот, нема таму да се проаѓа без потреба, да се крати патот. Ќе биде тоа стерилен сити мол ист како и сите други, без содржина, без душа, без ништоНовиот ГТЦ (недао бог да се направи) нема да биде дел од градот, нема да биде премин од еден дел кон другиот, нема таму да се проаѓа без потреба, да се крати патот. Ќе биде тоа стерилен сити мол ист како и сите други, без содржина, без душа, без ништо, обична симулација на розовата реалност на консумеризмот (што би рекол Бодријар).
Ако спомениците и кулисите на Скопје 2014 се направени со политичка одлука, со иста таква може и да се однаправат, но ГТЦ не може, трговскиот е жива материја интерактивна творба која комуницира со своите граѓани, ГТЦ е многу повеќе од трговски центар. Тој е чадор за дожд низ центарот на градот во дождливите денови, тој е премин под сенка во летните горештини, тој е велосипедска патека, тој е свратилиште и чекалиште, тој е срцето на Скопје кое секојдневно чука и ги дисперзира граѓаните насекаде низ центарот, исто како што срцето ја пумпа крвта низ целото тело. Затворањето (заради барокизација) на ГТЦ со врати и прозорци ќе предизвика инфаркт на градот, инфаркт со смртни последици по градот и граѓаните.

Одбраната на ГТЦ не е прашање на политика, на за и против новиот идентитет или СК014, одбраната на трговскиот е одбрана на огништето, исконска реакција на загрозеноста (и згрозеноста од дрскоста) и желбата да се има простор кој ќе биде наш. Одбраната на ГТЦ е одбрана на сопствениот идентитет, на сопствената личност, на сеќавањата и на интимната историја на секој од нас.
Се сеќавам, како деца велевме „ќе одиме во град“, а неминовен дел на одењето во град тогаш беше и да се прошета низ трговски, да се протрча по неговите странични вртени рампи за велосипеди и инвалиди, да се повозиме по единствените ескалатори во тоа време. Во дождливите денови на лизгавите мермери на трговскиот научивме како доаѓа умот в глава (после паѓање, секако). Одењата во трговски беа и нашите први чекори кон независноста: кога на некоја возраст од 10-12 години за прв пат сами со велосипеди без да поминеме ниту една улица покрај Вардар ќе успеевме да отидевме до трговски без разлика од кој дел на градот доаѓавме, бевме пресреќни . Тогаш како врв на триумфот гордо ќе прошетавме низ трговски и ќе гледавме филм во кино центар, а потоа одевме во подрум во Шехерезада на еклер и боза после кино. Што вика Неле Карајлић: „Сви смо ишли пешке кући после кина с рукама у џепу глумећи Џемс Дин-а“. Тоа се моментите на нашите лични истории кои не смеат да се избришат, туку треба да се негуваат, а преку тоа ќе се негува и граѓанското во нас.
Драги работници, рибари, ловци, сетете се колку пати со работнички или риболовни униформи сте поминале низ ГТЦ и никој не ве ни загледал. Мислите дека сето ова ќе биде можно во иднина?Сетете се од каде ви го купиле првиот велосипед, првите Адидас патики и скии од Словенија спорт, првата трска за по риби од Ловец на 2-ри, првата книга или деловите за автоматик од Технометал. Вие постарите сетете се на Искра што гледа на кеј, сетете се каде ги купувавте првите логаритамски антени пред секое светско првенство во фудбал или пред олимпијадата, сетете се каде купувавте подароци, каде за своите внуци и деца купувавте топли јакни за студените зими, каде го купивте првиот колор телевизор. Сетете се на првиот драгстор кој работеше до 24 часот во златарското уличе во трговски. Сетете се на подароците за повојници, крштевки и раѓања купени во златарна Целје и во Рубин. Драги госпоѓи, мајки, тетки, баби, сетете се каде ги купувавте лакованите штикли, капути и чанти.Драги работници, рибари, ловци, сетете се колку пати со работнички или риболовни униформи сте поминале низ ГТЦ и никој не ве ни загледал. Мислите дека сето ова ќе биде можно во иднина? Тешко – бричените глави од портирниците на барокниот ГТЦ нема да нè пуштаат внатре со кучиња, трски, тесли и мистрии...

Денес ни се закануваат сето ова да го избришат, сакаат да ни ја избришат личната историја, сеќавањето, емоцијата, сакаат да не можеме на децата да им кажеме „и мене дедо ти и баба ти ми ги купија првите скии од оваа продавница од кај чичко Ѓоко у Словенија спорт“ , или „овде кај дедо Јорде у Пеко и мама и тато купуваа кондури кога беа колку тебе“. Решил некој на сила да избрише сè. Дојдоа дивите ги избркаа питомите.
Го избришаа плоштадот, го киднапираа градот, го збрлавеа Вардар од мостови и бродови, но премолчевме, беа наши тие места, нo изгледа не доволно, малкумина се обидувавме да ги одбранимеГо избришаа плоштадот, го киднапираа градот, го збрлавеа Вардар од мостови и бродови, но премолчевме, беа наши тие места, нo изгледа не доволно, малкумина се обидувавме да ги одбраниме, а многумина нè тапкаа по рамо демек така требало. Но драги сограѓани, ГТЦ е друго, нема тука простор за тапкање по рамо, туку за застанување рамо до рамо во одбраната на ГТЦ, со него сме интимно поврзани, нашите лични истории се исплетени таму, во него на неговите 3 ката и во неговата околина, таму ни се скриени првите бакнежи по клупите на кејот и првите тепачки пред Мусандра. Вие постарите уште по фиоките имате гаранции од производите купени во трговски, сè уште одиме во трговски за „шпацирунг“ ако сакаме да видиме што има по продавници затоа што единствено во трговски трговците се навикнати на тоа да влеземе и погледнемe, а да не купиме ништо.
Ако не знаете како би изгледало запустувањето на трговски во барок, јас ќе ви кажам. Замислете си некое место кое сте го сакале и каде често сте оделе и за кое ве врзуваат убави спомени, но сега го нема... Обидете се да се сетите што било и како било порано таму, нема да ви текне. Еве нека ми каже некој каде беше пазарчето во Аеродром или Ратко Митровиќ, на пример?

Од друга страна, размислете за некое место кое го сакате, каде сте поминувале многу време и убави мигови - прекрасно е она чувство кога по подолга пауза ќе дојдете на такво место и ќе видите дека сè е таму, дека ништо не е сменето, ви се враќаат сеќавањата и емоциите, можете да ги слушнете звуците од минатото, па дури и да ги почувствувате мирисите на некогашнината чувствувајќи исполнетост и мир во душата - добро е, дома сум, на свој терен, на познато. Помогнете ГТЦ да биде тоа и понатаму.
Ако толку сакате урбани силикони одете во силиконската долина, таму карши мајчина ви во сончев град, таму зад Водно правете силиконска долина на барокот, таму ѝ е местото, таму градете ги градовите од имагинацијата на хеленизмот.Немојте да дозволите да бидеме бездомници, ги имаме нашите куќи, станови, но тие го изгубија својот дом, зградите го изгубија градот, го изгубија тлото на кое лежеа, го изгубија контактот со своите темели, контекстот со своето постоење. Нашите домови и згради нè колнат, нè молат, нè преколнуваат, аман доста, аман до кога, ние сме ви куќи, згради, не ни требаат силиконски барокни гради, антички затегања на задникот, бродарски липосукции и мостови од ботокс. Ние сме вашите згради и домови, варосајте нè, исчистете нè, служиме 40 години, можеме најмалку уште толку, оставете нè да комуницираме меѓу нас, подземно, оставете ни ги дрвата и калдрмите да си шепотиме ноќе кришум, оставете ги костените и јаворите... оставете ја природата во градот. Ако толку сакате урбани силикони одете во силиконската долина, таму карши мајчина ви во сончев град, таму зад Водно правете силиконска долина на барокот, таму ѝ е местото, таму градете ги градовите од имагинацијата на хеленизмот.
Скопје е грд бетонски град, со расипан саат на железничка, со една улица на партизаните и 2-3 на Германците, Американците и Мексиканците, но за нас скопските куќи се од чоколада, а прозорците од мармелада (што би рекол Коцкица) и тоа од мармелада направена од кајсиите кои некогаш беа скопското овошје. Затоа Скопје е сладок град за оние кои го знаат и познаваат. ГТЦ е црешата на таа наша торта која не смееме да дозволиме да ја унередат. Скопје без ГТЦ онаков каков што е, е како велосипед со дупната гума - ниту си да го возиш, ниту да го оставиш.
Да не го оставаме Скопје, битката ни претстои, придружете ни се. Ако сме многу, барокните армии на ужасот ќе избегаат од страв.
Или сте за нормалниот ГТЦ во Скопје или не сте за во Скопје!