Wednesday, September 11, 2013

Го сакам ГТЦ


Го сакам ГТЦ! 
Терасите, рампите, ходниците, тремовите, деталите, целината, просторот кој е градски!

Септемвриска фото-сесија од Градскиот трговски со пораката од собирите за зачувување на неговата автентичност „Го сакам ГТЦ!“.

Активностите, помали и поголеми, 
помалку или повеќе видливи за јавноста, се во тек цело време, и продолжуваат. Повеќе информации наскоро.









Monday, July 22, 2013

Го сакам ГТЦ vol.6

Во четвртокот, на 25.07.2013 се одржа шестиот по ред настан со мотото „Го сакам ГТЦ“, четврти пат во обликот јавна трибина- форум. На ГТЦ Форум говореа: Билјана Филиповска, Тони Димков, Билјана Секуловска Ива и Јован Балов. 
Претседателката на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Даница Павловска Циги, даде увод во настанот со презентирање на текот на институционалната борба за зачувување на ГТЦ. 
























Wednesday, July 17, 2013

Го сакам ГТЦ vol.6: ФОРУМ ГТЦ (повик)

Од минатонеделната работилница за деца

ГТЦ ФОРУМ продолжува и овој четврток. Овој настан е дел од серијата настани во склоп на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ која е реакција на проектот за нова фасада и доградба на Градскиот трговски центар со кој целосно би се уништила архитектурата на објектот, како и неговата урбанистичка улога на „улица“ низ централното градско јадро, продолжува.

70% од објектот на ГТЦ е јавен простор. Тој, архитектонски, претставува „реплика“ на агора/форум, која ги канализира и физички ги опслужува општествените потреби на граѓаните на Скопје во последните четири децении. Во таа смисла, ГТЦ ФОРУМ претставува надоврзување на основната функција на овој објект како јавен простор.

Шестиот настан ќе се случи на 18.07.2013, четврток, во Паркот „Жена-борец“ со почеток од 20:00 часот и по четврт пат ќе биде во обликот на јавна трибина-форум.


Говорници кои го потврдиле учеството досега:

  • Тони Димков
  • Билјана Секуловска Ива
  • Љупчо Бораниев
  • Билјана Филиповска

Во дискусијата слободно ќе можат да се вклучат и сите граѓани кои сметаат дека за овој проблем треба да се разговара јавно.

На настанот ќе се осврнеме и на текот на институционалните реакции на иницијативата.

Ќе продолжи и собирањето на потписи за петицијата за зачувување на ГТЦ во неговата автентична физичка состојба.

Ве очекуваме.


Известување за медиуми- прилог.

Wednesday, July 10, 2013

Барокот ќе го укине отворениот поглед на свет на ГТЦ- интервју со Небојша Вилиќ

извор: Утрински весник, 16.06.2013, 17:11

„Вредноста на Градскиот трговски центар парадоксално, но вистинито, дури во петокот ја покажа целата своја големина“, вели Небојша Вилиќ

Катерина Богоева

Бевте меѓу организаторите и говорниците на протестот „Го сакам ГТЦ!“, а во петокот и „го гушнавте“ Градскиот трговски центар заедно со дел од Вашите колеги, држејќи се за раце во направената низа од луѓе од различни генерации меѓу кои имаше сликари, скулптори, новинари, архитекти... Како историчар на уметноста, сметате ли дека вредноста на самиот објект е доволно голема што успеа да привлече стотици граѓани или требаше да се погоди моментот за ваков достоинствен и мирен протест?

Да, сметам. Вредноста на Градскиот трговски центар парадоксално, но, вистинито, дури во петокот ја покажа целата своја големина. Можеби и помалку поради својата теориска (архитектонска, урбанистичка или естетска) вредност: стручната јавност за нив знае од самиот почеток. Но, тоа што се случи ја покажа токму неговата практична, употребна и, конечно, урбана вредност во најголемиот нејзин сјај: неговото функционирање како урбана и урбано осмислена структура, која најчесто не ја ни гледаме, за која понекогаш не сме ни свесни, но што ја живееме! Кога се потврди дека сите ние ќе изгубиме еден таков суптилно вткаен организам во нас, кој не само што живее во нашите сеќавања од младоста туку кој секојдневно е вткаен во нас, тогаш се побуди една психосоматска реакција (и мене лично ми требаше време да ја сфатам природата и коренот на мојата реакција). А тоа е, по дефиниција, целта на секој современ проект: да се вгради во нас и со тоа да произведе еден нов и подобар општествен и друштвен поединец со неограничено отворен поглед на светот, каква што е, впрочем, и неограничено отворена и формата на ГТЦ.

До што може да доведе планираното менување на изгледот на ГТЦ во барок?

Токму до тоа: укинување на тој и таков неограничено отворен поглед на светот и негово затворање во зандани. Да не заборавиме, архитектурата денес воопшто не е во нејзината форма (тоа одамна заврши), туку најмногу во нејзината способност да создава нови општествени односи и културни вредности. Новите односи што ги создаваат новите трговски центри од затворен тип (во кои не велам дека луѓето не се среќаваат), во суштина, е сведена само на трговските аспекти на капиталот: доаѓате, разгледувате, одморате во кафуле (затоа нема слободни клупи), се одлучувате што да испазарите и се враќате да го купите тоа или, пак, седнувате во кафулето откако сте испазариле за да здивнете од бомбардирањето со брендовите од излозите или во брендираните продавници. Помислете и сами: колку пати сте поминале од ГТЦ само да ја скусите патеката за да стигнете до местото каде што сте тргнале, а притоа не сте испазариле ништо, а патем сте сретнале некој познајник. Општествената состојка и суштина на ваквите отворени концепти и можностите што ги нудат, еве, да ги потврдам со порака на една девојка во петокот на Фејсбук: „Ви благодарам што го запознав Ш...Ќ“.

Колку и како влијаат актуелните архитектонски и урбанистички промени во Скопје на визуелните и на естетските перцепции на неговото културно живеење?
Проектот „Скопје 2014“ се покажа како исклучително сложен феномен што најсериозно досега ги соочи македонските творци, но и целата култура, со еден сериозно одговорен тест. Настрана отсуството на широката јавна расправа и неговото еднострано наметнување. И тука не се работи за тоа кое е „за“, а кој против, како што несреќно или, пак, со намера се протолкуваа ставовите околу него. Проектот самиот од себе ја засегна и ја поништи неговата основна намера - центарот на градот да смени нешто на подобро или на повеќе: колку луѓе се „за“, толку се и „против“; колку што има луѓе кои доаѓаат да се фотографираат и да го обожуваат, исто толку луѓе веќе не доаѓаат во центарот. Значи, не се постигнало ниту нешто повеќе ниту нешто подобро. Освен една работа (што не беше/е намерата на проектот): тој веќе изроди еден постефект - се појави протестна и критичка уметност и култура, нешто што отсекогаш и' недостасувало на Македонија и нешто што е најзначајно за одржување на духот на Градот. Убеден сум дека проектот се' повеќе ќе генерира реакции - тоа го започна Првата архибригада, го потврди „гушкањето на ГТЦ“, а ќе продолжи, очекувам, со ризоматско графитирање на архитектурата и спомениците како стратегија на (овој пат) урбано (наспроти тековното центристичко и насилничко) префасадирање.

Културното и уметничкото живеење во градовите подразбира и простор во кој граѓаните можат да ги изразуваат своите потреби како автори и како консументи. Што мислите, каде е Скопје денес на тоа поле во однос на тенденциите во регионот и пошироко?
Во теоријата одамна веќе се заговара тезата за враќањето на големите наративи, особено во пишувањата на Квентин Скинер, или барем нивното преиспитување и реактуализирање. Нивното спроведување во практика најочигледно беше со победата на Хајдер во Австрија или забраната за носење бурка во Франција. Цела Европа се соочува со барањето излез од унифицирачкиот глобализам, тоа е повеќе од очигледно, а ова е, според некои, еден можен излез. На Балканот таа теза само ја најде најплодната почва: почнувајќи од Грција, преку Србија, завршувајќи се' до Хрватска и Унгарија. Но, мислам дека ние отидовме предалеку и најдалеку - ја реифициравме таа идеја до крајни, наполно апсурдни граници. Не се задоволивме само со донесување на таквите идеолошки и, оттука, културни политики и стратегии преточени во законски рамки (како и сите наведени други држави) токму поради тоа што тие се лесно и остварливо менливи. Најмарксистички и најмодернистички ја спроведовме теоријата во практика: ја материјализиравме теоријата во конкретни градби олицетворени во архитектурата на (засега) центарот на главниот град, но не помалку и во скулптурата (распослана скоро во сите градови). А токму поради тоа: никој да не може утре да ги смени, отстрани, префасадира и за да останат како траен запис за едно време и една идеја која постоела на овие простори.

Ќе Ве видиме ли повторно како пеете и свирите на гитара во започнатата „борба“ за зачувување на изгледот на ГТЦ!
Не. Се враќам во Струга и на работата на мојата нова книга „Силувајте го Скопје! кн. 2“.

Го сакам ГТЦ vol.5: ФОРУМ ГТЦ + работилница за деца (повик)

Од минатонеделниот ГТЦ ФОРУМ
ГТЦ ФОРУМ продолжува и овој четврток. Овој настан е дел од серијата настани во склоп на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ која е реакција на проектот за нова фасада и доградба на Градскиот трговски центар со кој целосно би се уништила архитектурата на објектот, како и неговата урбанистичка улога на „улица“ низ централното градско јадро, продолжува.

70% од објектот на ГТЦ е јавен простор. Тој, архитектонски, претставува „реплика“ на агора/форум, која ги канализира и физички ги опслужува општествените потреби на граѓаните на Скопје во последните четири децении. Во таа смисла, ГТЦ ФОРУМ претставува надоврзување на основната функција на овој објект како јавен простор.

Петтиот настан ќе се случи на 11.07.2013, четврток, во Паркот „Жена-борец“ со почеток од 20:00 часот и по трет пат ќе биде во обликот на јавна трибина-форум.
Потврдени говорници до сега:



Сергеј Андреевски / сликар
Јасна Шоптрајанова Вртева / автор на првиот Интернет водич за кулурен туризам во Македонија
Лазо Плавевски / историчар на уметност
Елизабета Касапова / професор по историја на архитектура и уметност
Сузана Милевска / историчар на уметност
Сергеј Дамовски / скулптор

 Во дискусијата слободно ќе можат да се вклучат и сите граѓани кои сметаат дека за овој проблем треба да се разговара јавно.

Од 19:00 часот ќе биде организиран и настан „Нацртај го ГТЦ“ – ликовна работилница за деца. Ќе бидат обезбедени материјали како листови, хамери и боички, а сите цртежи ќе бидат изложени на изложбата посветена на ГТЦ која ќе се одржи во текот на јули.

Овој ГТЦ ФОРУМ ќе ни се приклучат и групата на студенти и професори (Escuela Técnica Superior de Arquitectura - Universitat Politècnica de València, Architektur, Gestaltung und Bauingenieurwesen - Zürcher Hochschule für Angewandte Wissenschaften Winterthur, Fachbereich Städtebau - Technische Universität Wien,Technische Universität Graz, School of Architecture and Design - UAC Skopje) од интернационалната летна школа Urban Urgency, која се одржува на Факултет за архитектура и дизајн на УАКС. 
http://www.urbanurgency.com/

На овој собир ќе продолжи и собирањето на потписи за петицијата за зачувување на ГТЦ во неговата автентична физичка состојба.

После говорите, од 21:00 часот ќе пушта музика Ивана Низамовска: Шизам со Низам.

Ве очекуваме.

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------
GTC FORUM vazhdon edhe këtë të enjte. Kjo ngjarje është pjesë e një seri ngjarjesh brenda inicijativës “E dua GTC”, si reagim ndaj projektit për fasadë të re dhe rindërtim të Qendrës tregtare qytetare, I cili tërësisht do të shkatërroj arkitekturën e objektit dhe rolin e tij urbanistik si “rrugë” që kalon nëpër qendrën e qytetit.

70% nga objekti i GTC-së konsiderohet hapsirë publike. Në kuptim arkitektonik, ai paraqet “replikë” e agorës/forumit i cili i kanalizon dhe fizikisht u shërben qytetarëve të Shkupit të plotësojnë nevojat sociale gjatë katër dekadave të kaluara.

Ngjarja e pestë do të mbahet më 11.07.2013, të enjten, në parkun “Zhena-borec” duke filluar në ora 20:00, dhe sërish do të merr formën e tribinës publike- forumit. Diskutimi do të jetë i lirë për të përfshirë të gjithë qytetarët të cilët besojnë se kjo çështje duhet diskutuar publikisht.

Në ora 19:00 do të organizohet ngarja “Vizato GTC-në”- një punëtori vizatimore për fëmijë. Do të sigurohen materiale siç janë fletë, kartona dhe ngjyra, ndërsa të gjitha vizatimet do të marrin pjesë në ekspozitën dedikuar GTC-së e cila do të mbahet gjatë muajit korrik.

Në këtë GTC FORUM do të na bashkangjitet grupi i studentëve dhe profesorëve nga (Escuela Técnica Superior de Arquitectura - Universitat Politècnica de València, Architektur, Gestaltung und Bauingenieurwesen - Zürcher Hochschule für Angewandte Wissenschaften Winterthur, Fachbereich Städtebau - Technische Universität Wien, Technische Universität Graz, School of Architecture and Design - UAC Skopje), pjesëmarrës ne shkollën ndërkombëtare verore Urban Agency, e cila mbahet në Fakultetin për arkitekturë dhe dizajn në UACS,
http://www.urbanurgency.com/

Gjatë ngjarjes do të vazhdoj mbledhja e nënshkrimeve për peticionin për ruajtjen e gjendjes fizike autentike të qendrës tregtare GTC.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Известување за медиуми- прилог.

Thursday, July 4, 2013

Некои општи белешки за Градскиот трговски центар


  • Градскиот трговски центар е едно од најзначаjните архитектонски дела кои ги имаме како наследство на македонската модерна архитектура, антологиски пример од постземјотресниот период.
  • Скопје е град составен од посебни урбани целини од различни периоди. Градскиот трговски центар и сите јавни згради од постземјотресно Скопје имаат културно- историско значење за градот како и јавните згради од други периоди, на пример јавните згради од Отоманскиот период во Старата скопска чаршија: Даут пашин амам, Чифте амам, Куршумли ан и поради тоа, но и поради нивните архитектонски вредности треба да бидат заштитени како културно наследство.
  • ГТЦ е изграден во 1973 година според проектот на Живко Поповски (еден од нашите најпознати архитекти и првите професори на Архитектонскиот факултет) и група архитекти, а кој беше избран на меѓународниот конкурс во 1969 со 23 пристигнати конкурсни труда. Архитектот Живко Поповски е добитник на „Борбина плакета“ и на националната награда „11 Октомври“, за проектот за Градскиот трговски центар.
  • Проектантите во своето решение се надоврзуваат на оската исток- запад од планот на јапонскиот архитект Кензо Танге, почитувајќи го локалниот контекст од постојните пет кули на Серафимовски, хотелот Холидеј Ин, Стопанска банка и притоа создаваат нова локална вредност.
  • 70% од површината на ГТЦ е отворен, „јавен“ простор кој го поврзува паркот „Жена-борец“ и кејот на реката Вардар, плоштадот „Македонија“ и источниот дел од градот. ГТЦ е отворен трговски центар во кој можеме да разгледуваме излози туркајќи точак, со ролерки, шетајќи куче или со сендвич во рака. Слободата на движење, која со години ни ја дава и овозможува архитектурата на ГТЦ, е неговата најголема вредност и нешто што не смееме да дозволиме да го изгубиме. Доколку овој објект се затвори со врати и фасади, ќе се затвори и една од клучните артерии на движење во центарот на Градот. Токму неговата отвореност влијае на: проточноста на луѓе, на визурите на неговото доживување, на неоптовареноста на движењето со пречки, па се`до малите социјални функции за кои понекогаш (или најчесто) и самите не сме свесни, а ги остваруваме, споделуваме, разменуваме.
  • Ретко кој би помислил дека така голема структура како ГТЦ е изведена како објект од монтажен тип, со челична конструкција и монтажни панели од лесен бетон, навистина авангардна технологија за нашите простори во тоа време, но дури и за денешното кога ќе се спореди со практиките денес.
  • ГТЦ има природна аерација и во него е пријатен престојот во сите годишни времиња.
  • На ГТЦ не му е потребна нова фасада, која засекогаш ќе го смени карактерот на објектот, туку му е потребно подобрување на неговата сегашна состојба и тоа само преку реставрација и програмско заживување на објектот. Каква било интервенција врз него мора да биде во согласност и со почит кон оригиналната замисла на авторот, а низ една поширока јавна расправа и со оние кои ја обмислуваат неговата архитектура, но и со оние кои ја живеат неговата архитектура.
  • Заради сето ова и многу повеќе, ГТЦ е нераскинлив дел од идентитетот на Скопје и на неговото градителско, историско и културно наследство. И затоа ГТЦ мора да остане автентичен, отворен, проточен за пешачко движење, функционален...Градскиот трговски центар мора да остане градски.

Граѓаните го сакаат ГТЦ

Ова е само мал дел од пораките на 1000 граѓани кои ги оставија во кутиите на иницијативата ``Го сакам ГТЦ``. 
На вечерашниот настан во паркот Жена Парк ќе се читаат повеќе пораки, а кутиите повторно ќе бидат таму и ќе се продолжи со пишување.
Се гледаме вечер на ГТЦ ФОРУМ.