Thursday, July 4, 2013

Некои општи белешки за Градскиот трговски центар


  • Градскиот трговски центар е едно од најзначаjните архитектонски дела кои ги имаме како наследство на македонската модерна архитектура, антологиски пример од постземјотресниот период.
  • Скопје е град составен од посебни урбани целини од различни периоди. Градскиот трговски центар и сите јавни згради од постземјотресно Скопје имаат културно- историско значење за градот како и јавните згради од други периоди, на пример јавните згради од Отоманскиот период во Старата скопска чаршија: Даут пашин амам, Чифте амам, Куршумли ан и поради тоа, но и поради нивните архитектонски вредности треба да бидат заштитени како културно наследство.
  • ГТЦ е изграден во 1973 година според проектот на Живко Поповски (еден од нашите најпознати архитекти и првите професори на Архитектонскиот факултет) и група архитекти, а кој беше избран на меѓународниот конкурс во 1969 со 23 пристигнати конкурсни труда. Архитектот Живко Поповски е добитник на „Борбина плакета“ и на националната награда „11 Октомври“, за проектот за Градскиот трговски центар.
  • Проектантите во своето решение се надоврзуваат на оската исток- запад од планот на јапонскиот архитект Кензо Танге, почитувајќи го локалниот контекст од постојните пет кули на Серафимовски, хотелот Холидеј Ин, Стопанска банка и притоа создаваат нова локална вредност.
  • 70% од површината на ГТЦ е отворен, „јавен“ простор кој го поврзува паркот „Жена-борец“ и кејот на реката Вардар, плоштадот „Македонија“ и источниот дел од градот. ГТЦ е отворен трговски центар во кој можеме да разгледуваме излози туркајќи точак, со ролерки, шетајќи куче или со сендвич во рака. Слободата на движење, која со години ни ја дава и овозможува архитектурата на ГТЦ, е неговата најголема вредност и нешто што не смееме да дозволиме да го изгубиме. Доколку овој објект се затвори со врати и фасади, ќе се затвори и една од клучните артерии на движење во центарот на Градот. Токму неговата отвореност влијае на: проточноста на луѓе, на визурите на неговото доживување, на неоптовареноста на движењето со пречки, па се`до малите социјални функции за кои понекогаш (или најчесто) и самите не сме свесни, а ги остваруваме, споделуваме, разменуваме.
  • Ретко кој би помислил дека така голема структура како ГТЦ е изведена како објект од монтажен тип, со челична конструкција и монтажни панели од лесен бетон, навистина авангардна технологија за нашите простори во тоа време, но дури и за денешното кога ќе се спореди со практиките денес.
  • ГТЦ има природна аерација и во него е пријатен престојот во сите годишни времиња.
  • На ГТЦ не му е потребна нова фасада, која засекогаш ќе го смени карактерот на објектот, туку му е потребно подобрување на неговата сегашна состојба и тоа само преку реставрација и програмско заживување на објектот. Каква било интервенција врз него мора да биде во согласност и со почит кон оригиналната замисла на авторот, а низ една поширока јавна расправа и со оние кои ја обмислуваат неговата архитектура, но и со оние кои ја живеат неговата архитектура.
  • Заради сето ова и многу повеќе, ГТЦ е нераскинлив дел од идентитетот на Скопје и на неговото градителско, историско и културно наследство. И затоа ГТЦ мора да остане автентичен, отворен, проточен за пешачко движење, функционален...Градскиот трговски центар мора да остане градски.

No comments:

Post a Comment