Wednesday, July 10, 2013

Барокот ќе го укине отворениот поглед на свет на ГТЦ- интервју со Небојша Вилиќ

извор: Утрински весник, 16.06.2013, 17:11

„Вредноста на Градскиот трговски центар парадоксално, но вистинито, дури во петокот ја покажа целата своја големина“, вели Небојша Вилиќ

Катерина Богоева

Бевте меѓу организаторите и говорниците на протестот „Го сакам ГТЦ!“, а во петокот и „го гушнавте“ Градскиот трговски центар заедно со дел од Вашите колеги, држејќи се за раце во направената низа од луѓе од различни генерации меѓу кои имаше сликари, скулптори, новинари, архитекти... Како историчар на уметноста, сметате ли дека вредноста на самиот објект е доволно голема што успеа да привлече стотици граѓани или требаше да се погоди моментот за ваков достоинствен и мирен протест?

Да, сметам. Вредноста на Градскиот трговски центар парадоксално, но, вистинито, дури во петокот ја покажа целата своја големина. Можеби и помалку поради својата теориска (архитектонска, урбанистичка или естетска) вредност: стручната јавност за нив знае од самиот почеток. Но, тоа што се случи ја покажа токму неговата практична, употребна и, конечно, урбана вредност во најголемиот нејзин сјај: неговото функционирање како урбана и урбано осмислена структура, која најчесто не ја ни гледаме, за која понекогаш не сме ни свесни, но што ја живееме! Кога се потврди дека сите ние ќе изгубиме еден таков суптилно вткаен организам во нас, кој не само што живее во нашите сеќавања од младоста туку кој секојдневно е вткаен во нас, тогаш се побуди една психосоматска реакција (и мене лично ми требаше време да ја сфатам природата и коренот на мојата реакција). А тоа е, по дефиниција, целта на секој современ проект: да се вгради во нас и со тоа да произведе еден нов и подобар општествен и друштвен поединец со неограничено отворен поглед на светот, каква што е, впрочем, и неограничено отворена и формата на ГТЦ.

До што може да доведе планираното менување на изгледот на ГТЦ во барок?

Токму до тоа: укинување на тој и таков неограничено отворен поглед на светот и негово затворање во зандани. Да не заборавиме, архитектурата денес воопшто не е во нејзината форма (тоа одамна заврши), туку најмногу во нејзината способност да создава нови општествени односи и културни вредности. Новите односи што ги создаваат новите трговски центри од затворен тип (во кои не велам дека луѓето не се среќаваат), во суштина, е сведена само на трговските аспекти на капиталот: доаѓате, разгледувате, одморате во кафуле (затоа нема слободни клупи), се одлучувате што да испазарите и се враќате да го купите тоа или, пак, седнувате во кафулето откако сте испазариле за да здивнете од бомбардирањето со брендовите од излозите или во брендираните продавници. Помислете и сами: колку пати сте поминале од ГТЦ само да ја скусите патеката за да стигнете до местото каде што сте тргнале, а притоа не сте испазариле ништо, а патем сте сретнале некој познајник. Општествената состојка и суштина на ваквите отворени концепти и можностите што ги нудат, еве, да ги потврдам со порака на една девојка во петокот на Фејсбук: „Ви благодарам што го запознав Ш...Ќ“.

Колку и како влијаат актуелните архитектонски и урбанистички промени во Скопје на визуелните и на естетските перцепции на неговото културно живеење?
Проектот „Скопје 2014“ се покажа како исклучително сложен феномен што најсериозно досега ги соочи македонските творци, но и целата култура, со еден сериозно одговорен тест. Настрана отсуството на широката јавна расправа и неговото еднострано наметнување. И тука не се работи за тоа кое е „за“, а кој против, како што несреќно или, пак, со намера се протолкуваа ставовите околу него. Проектот самиот од себе ја засегна и ја поништи неговата основна намера - центарот на градот да смени нешто на подобро или на повеќе: колку луѓе се „за“, толку се и „против“; колку што има луѓе кои доаѓаат да се фотографираат и да го обожуваат, исто толку луѓе веќе не доаѓаат во центарот. Значи, не се постигнало ниту нешто повеќе ниту нешто подобро. Освен една работа (што не беше/е намерата на проектот): тој веќе изроди еден постефект - се појави протестна и критичка уметност и култура, нешто што отсекогаш и' недостасувало на Македонија и нешто што е најзначајно за одржување на духот на Градот. Убеден сум дека проектот се' повеќе ќе генерира реакции - тоа го започна Првата архибригада, го потврди „гушкањето на ГТЦ“, а ќе продолжи, очекувам, со ризоматско графитирање на архитектурата и спомениците како стратегија на (овој пат) урбано (наспроти тековното центристичко и насилничко) префасадирање.

Културното и уметничкото живеење во градовите подразбира и простор во кој граѓаните можат да ги изразуваат своите потреби како автори и како консументи. Што мислите, каде е Скопје денес на тоа поле во однос на тенденциите во регионот и пошироко?
Во теоријата одамна веќе се заговара тезата за враќањето на големите наративи, особено во пишувањата на Квентин Скинер, или барем нивното преиспитување и реактуализирање. Нивното спроведување во практика најочигледно беше со победата на Хајдер во Австрија или забраната за носење бурка во Франција. Цела Европа се соочува со барањето излез од унифицирачкиот глобализам, тоа е повеќе од очигледно, а ова е, според некои, еден можен излез. На Балканот таа теза само ја најде најплодната почва: почнувајќи од Грција, преку Србија, завршувајќи се' до Хрватска и Унгарија. Но, мислам дека ние отидовме предалеку и најдалеку - ја реифициравме таа идеја до крајни, наполно апсурдни граници. Не се задоволивме само со донесување на таквите идеолошки и, оттука, културни политики и стратегии преточени во законски рамки (како и сите наведени други држави) токму поради тоа што тие се лесно и остварливо менливи. Најмарксистички и најмодернистички ја спроведовме теоријата во практика: ја материјализиравме теоријата во конкретни градби олицетворени во архитектурата на (засега) центарот на главниот град, но не помалку и во скулптурата (распослана скоро во сите градови). А токму поради тоа: никој да не може утре да ги смени, отстрани, префасадира и за да останат како траен запис за едно време и една идеја која постоела на овие простори.

Ќе Ве видиме ли повторно како пеете и свирите на гитара во започнатата „борба“ за зачувување на изгледот на ГТЦ!
Не. Се враќам во Струга и на работата на мојата нова книга „Силувајте го Скопје! кн. 2“.

No comments:

Post a Comment