Wednesday, December 10, 2014

ГТЦ, остани свој! - Јорданка Ивановска - Јоци

Јорданка Ивановска - Јоци порачува: „ГТЦ, остани свој!“
(преземено од Facebook профилот на авторката со нејзина дозвола)




Мој скромен придонес против барокизацијата на ГТЦ, поточно нешто во духот на акцијата за одбрана на ова здание од налетот на примитивистичкиот и корумпиран естаблишмент. (јас не знам графички да дизајнирам, да дотерувам слики, но сум пишувач).

Всушност страната од ГТЦ, јужната од приземјето, која гледа кон паркот на Жената-борец е мојата омилена. Еве ќе ја наречеме-женската страна на ГТЦ.
Јас во овој трговски центар поминував часови и часови како дете-80-те години, а подоцна таму беа и едни од најдобрите дискотеки-„Огниште“ и „Мусандра“. Потоа „Змија“, „Чао“ и некои помали и потесни со краток рок на траење.
Го знам секој агол, секој валкан простор. Бидејќи ГТЦ во своите најдобри времиња имаше и светли, но и темни нечисти места, како на пример најдолниот дел, кај маркетот, драгсторот, „Шехерезада“, ташнарот, копчарот. Или страната од кај „Чичко Стоилко“, секогаш мрсна и со излепени мастики по плочникот.

Секако, не дека јас шетав како дете сама, туку по желба на мојата мајка, која го обиколуваше од 3 часот попладне (после градинка или училиште), па се до 20 часот вечерта, додека не се затвореа сите дуќани. Се познаваше со многумина по продавниците, таква и беше работата, контакти со многу луѓе, додуша таква и е отсекогаш и ѕвездата. И’ даваа попусти, отплата на илјада рати, вадеа ствари од под пултовите..имаше една жена , која се викаше Правда, а работеше во еден дуќан „Хит“, мислам дека денеска на тоа место се наоѓа „Пјер Карден“. Таму веројатно ми беше најдосадно, па затоа и изглегував надвор и шетав низ тој дел, кој гледа кон паркот. Во близина имаше едни црвени бутки за виршли, тој роштиљ шмек се ширеше насекаде.
Некаде околу 20 часот беше време за вечера-пица во „Ванила“ на крајот од трговскиот. Бујото донесе машини за пици на почетокот на 80-те и тоа беше вистински хит за скопјаните. Редици луѓе трпеливо чекаа за маса. Немаше карање, буткање, скокање преку ред, навреди како денеска. Луѓето тогаш беа попристојни, потрпеливи, поголеми дами и џентлмени..и не влегуваа со автомобилите во срцето на трговскиот центар. Имаа манири, а и мнозинството имаше пари.

ГТЦ е базата на модата и забавата во 80-те и 90-те. Модерна бела градба која како магнет те влече макар и само да поминеш низ него, а ништо да не купиш. Да се надишеш екстраваганција, да се почуствуваш скопски. Таму беа „Трготекстил“, „Југоекспрт“, „Словенија спорт“, „Мура“, нешто незамисливо за денешно време, кога кинеската, турска и корејска мануфактура владее со секоја пора во градот. А и така некако се однесува мнозинството-лажно и ефтино. Прикладно на ова време.

СЕкако ГТЦ не беше само една голема продавница. Тука е и небото кое се гледаше кога ќе ја подадеш главата од железните шипки и ќе погледнеш нагоре. Беше прекрасна глетка кога ќе почне да врне снег.
Она поважното, кај некој столб, агол, излог, тука е веројатно и трагата од понекој бакнеж. Всушност, на секој агол веројатно има по некој бакнеж, кој барокот чека и се надева дека ќе го измие како со белило од хлор.

Како се случи блиски членови од семејството Бајрам заедно со владата меѓудругото да одлучуваат за нешто толку важно за граѓаните на овој град? Не го знам одговорот искрено. Знам само дека не смее да се дозволи, не смее да се развее бело знаме за барок-примитивизмот.

Јорданка Ивановска - Јоци

No comments:

Post a Comment