- Градскиот трговски центар е едно од најзначаjните архитектонски дела кои ги имаме како наследство
на македонската модерна архитектура, антологиски пример од постземјотресниот
период.
- Скопје е град
составен од посебни урбани целини од различни периоди. Градскиот трговски
центар и сите јавни згради од постземјотресно Скопје имаат културно-
историско значење за градот како и јавните згради од други периоди, на
пример јавните згради од Отоманскиот период во Старата скопска чаршија:
Даут пашин амам, Чифте амам, Куршумли ан и поради тоа, но и поради нивните
архитектонски вредности треба да бидат заштитени како културно наследство.
- ГТЦ е изграден во 1973 година според проектот на
Живко Поповски (еден од нашите најпознати архитекти и првите професори на
Архитектонскиот факултет) и група архитекти, а кој беше избран на
меѓународниот конкурс во 1969 со 23 пристигнати конкурсни труда. Архитектот Живко Поповски е добитник
на „Борбина плакета“ и на националната награда „11 Октомври“, за проектот
за Градскиот трговски центар.
- Проектантите во своето решение се надоврзуваат на
оската исток- запад од планот на јапонскиот
архитект Кензо Танге, почитувајќи го локалниот контекст од постојните пет
кули на Серафимовски, хотелот Холидеј Ин, Стопанска банка и притоа создаваат
нова локална вредност.
- 70% од површината на ГТЦ е отворен, „јавен“ простор
кој го поврзува паркот „Жена-борец“ и кејот на реката Вардар,
плоштадот „Македонија“ и источниот дел од градот. ГТЦ е отворен трговски
центар во кој можеме да разгледуваме излози туркајќи точак, со ролерки,
шетајќи куче или со сендвич во рака. Слободата на движење, која со години
ни ја дава и овозможува архитектурата на ГТЦ, е неговата најголема
вредност и нешто што не смееме да дозволиме да го изгубиме. Доколку овој
објект се затвори со врати и фасади, ќе се затвори и една од клучните
артерии на движење во центарот на Градот. Токму неговата отвореност влијае
на: проточноста на луѓе, на визурите на неговото доживување, на неоптовареноста
на движењето со пречки, па се`до малите социјални функции за кои понекогаш
(или најчесто) и самите не сме свесни, а ги остваруваме, споделуваме,
разменуваме.
- Ретко кој би помислил дека така голема структура
како ГТЦ е изведена како објект од монтажен тип, со челична конструкција и
монтажни панели од лесен бетон, навистина авангардна технологија за нашите
простори во тоа време, но дури и за денешното кога ќе се спореди со
практиките денес.
- ГТЦ има природна аерација и во него е пријатен
престојот во сите годишни времиња.
- На ГТЦ не му е потребна нова фасада, која засекогаш ќе го смени карактерот на објектот, туку му е потребно подобрување на неговата сегашна состојба и тоа само преку реставрација и програмско заживување на објектот. Каква било интервенција врз него мора да биде во согласност и со почит кон оригиналната замисла на авторот, а низ една поширока јавна расправа и со оние кои ја обмислуваат неговата архитектура, но и со оние кои ја живеат неговата архитектура.
- Заради сето ова и многу повеќе, ГТЦ е нераскинлив дел од идентитетот на Скопје и на неговото градителско, историско и културно наследство. И затоа ГТЦ мора да остане автентичен, отворен, проточен за пешачко движење, функционален...Градскиот трговски центар мора да остане градски.
Showing posts with label За објектот. Show all posts
Showing posts with label За објектот. Show all posts
Thursday, July 4, 2013
Некои општи белешки за Градскиот трговски центар
Subscribe to:
Posts (Atom)