Monday, July 1, 2013

ОСЛОБОДУВАЊЕ НА СКОПЈЕ Е ПИЕСАТА КОЈА НЕ’ ЧЕКА ДА ЈА ОДИГРАМЕ- интервју со Александар Поповски

Театарскиот режсер Александар Поповски е еден од најафирмираните во својата област надвор од Македонија. Постојано е во некој од европските или екс-југословенските театри, каде ги поставува своите претстави. Во изминатата година имаше три премиери во Хрватска, а моментно работи на Словенија. Но, повод за ова интервју не се неговите театарски проекти, туку најавата за реконструкција на „Градскиот трговски центар“. Александар е емотивно поврзан со „ГТЦ“, бидејќи авторот на тој објект, Живко Поповски е негов чичко, па сето ова има и лична димензија...

Најавите за промена на изгледот на „Градскиот трговски центар“, односно негово „преоблекување“ во барокно руво, сосема логично дека те возбудија, бидејќи не си само граѓанин на Скопје, туку и близок роднина со архитектот Живко Поповски, автор на „ГТЦ“. Која беше твојата прва реакција, кога слушна за оваа намера на властите?
Прва работа на која помислувам кога мислам на чичко ми Жико е лептир-машната (слика долу). Господин со лептир-машна, качен на велосипед, како Дон Кихот, кој крстари низ скопските улици. Скопје беше централната тема на сите наши семејни собирања. Приказните за „она“ Скопје, а тоа она е пред и по земјотресот, за ова - тоа беше Скопјето кое настануваше по 90-тите и она што Скопје треба да биде. Никогаш нема да ги прежалам локалните избори кога Живко сакаше како независен кандидат да се кандидира за градоначалник. Тогаш собиравме потписи, ама и тогаш, како и денес, Македонија знаеше да размислува единствено низ партиските матрици. Големиот брод „ГТЦ“ првпат го видов како дете. Баба ми Иконија ме водеше за рака да го најдеме нејзиниот син кој нешто градеше во центарот на Скопје. За мене „ГТЦ“ секогаш ќе биде таа лептир-машна, која Скопје го прави урбан господин.
Живко Поповски е еден од најреномираните и најпочитуваните македонски архитекти, а „ГТЦ“, на некој начин негово најреферентно дело, барем за јавноста. Што му значеше овој објект нему лично?
За Живко, Скопје беше главната тема во секоја пригода. Така и дојдов на идеја да ја направам серијата „Досие Скопје“, на гробот на баба ми Иконија додека ми раскажуваше приказни за оние кои се погребани покрај неа. Неговите приказни за Скопје секогаш имаа доза на фантазија и не секогаш соодвествуваа со реалноста. Темите, главно, беа - Скопје не смее да се шири накај Аеродром, туку кон Скопска Црна Гора (Скопје се прошири кон Аеродром), Водно мора да остане недопрено заради струењата на воздухот (горе се изгради ѕид), урбаната мафија е најголемото зло кое му се заканува на градот (на ова немам што да додадам).... Се разбира, не станува збор само за Живко, туку тука беше цела група од Архитектонскиот факултет, професори со сопствена мисла и дигнитет, кои заговараа урбано Скопје. Дел од тие професори се најзаслужни што денес градот ја има првата македонска архи-бригада. Тој ден кога студентите беа нападнати од страна на верници, љубители на сендвичи, беше денот кога Скопје почна да го добива ова лице. Тој ден кога ќе ја избришеме таа неправда ќе биде денот кога ќе си го вратиме Скопје назад. Песната „Градот убав пак ќе никне“ има во себе неверојатна симболика. Еден ден пак ќе ја пееме гласно. Ослободување на Скопје, тоа е пиесата која не’ чека да ја одиграме.
Што би направил Живко во оваа ситуација? Би повикал на јавни протести и потпишување петиции, или правото за заштита на своето дело би го побарал по судски пат? Дали нешто од ова ќе го преземе семејството? Какви се вашите опции за да го спречите она што сметате дека не треба да се направи?
Кога диктатурата е факт, револуцијата станува нужност. Не верувам во правен систем, не верувам во мирни протести, потпишување петиции, не верувам во ништо што е решавање на проблемот низ институциите. Секој добар вестерн не’ учи дека каде што не владее законот на правдата, владее законот на посилниот. За жал, мислам дека се’ повеќе се употребува методот (чиј оригинален автор е Слободан Милошевиќ) на оние кои не се согласуваат со власта да им се спротистават оние кои таа власт ја поддржуваат. Тоа е страшна појава, која доведува до финален судир меѓу народот. Од една страна, имаме луѓе кои се обидуваат да ги оставарат сопствените слободи и права, кои им се загарантирани, а од друга , група христијани - мераклии по сендвичи и тепање. Иако во моментов се чини дека слободните се послаби, само е прашање на момент кога ќе можеме да си кажеме may the force be with you! Тажно е што во моментов работите се такви да Македонецот му е најголем непријател на Македонецот. Мојот драмски чичко, Горан Стефановски, вели: „Не се живее вака. Милиони живеат во бункери. Ѕиркаат надвор низ нишан на снајперот. Каде води тоа? Ако е така, нема спас. А без спас нема живот. А без живот... нема ништо. Има смрт“. Затоа, кога следниот пат ќе испратите чета љубители на сендвичи, замислете се над овие зборови на авторот проповедник. Иако ви се чини дека во моментот сте на страната на победниците, времето ќе покаже дека сте биле џелатот. Патем, истото се покажа и со авторот на методот НАРОД против НАРОД - Слободан Милошевиќ. Не верувам во петиции и собирање потписи, верувам во физичко поместување на идеите и ставовите.
Во едно интервју токму авторот рече дека „ГТЦ“, всушност, не е направен целосно, односно е недовршен. Со оглед и на фактот дека е изграден пред 40 години, не мислиш дека му треба некакво реновирање? Ти би се согласил на нешто такво?
Едно е да реновираш, а друго е да промениш лик. Прво, од каде воопшто таа идеја за барокно Скопје? Македонија и барок. Жирафа да спариш со верверичка. Не мислам дека има нешто лошо во тоа да се гради. И јас сум за тоа, никогаш не сум бил против. Но, не се согласувам со она што се гради. За мене естетиката не е далеку од етиката. Да ме мачат Германци нема да кажам дека ми се допаѓа. Сељачки е! Многу е сељачки! Не доаѓа во предвид да се согласам со „Скопје 2014“. Идејата да се гради градот ја сметам за извонредна и ја поддржувам, ама не и нејзината реализација. Скопје има грд центар! Центарот на Скопје е како една соба, кај една тетка што имаше витрина полна со глупави вазни и сервиси, од кои никој не јадеше и не пиеше. Потоа имаше гондола од Венеција на телевизорот, преку кој паѓаше миленце. Во спаланата соба имаше голема кукла, ставена на кревет, кој имаше една идиотска прекривка. Сите овие елементи се легитимни, ама се сељачки! Ги молам сите селани да не ме сфатат погрешно, јас немам ништо против нив, ниту против селото. Зборот сељачки има врска со дефиниција за табиет, кој не ги почитува основните естетски постулати, туку си тера по свое.
Ти еднаш изјави: „Да беше жив чичко ми, немаше да дозволи онаков музеј на Мајка Тереза да се подигне во Скопје“. Денес, гледаш авторитет од струката, кој може да не и’ дозволи на власта да направи нешто?
Дали еден човек има сила да го промени светот? Некогаш во тоа верувавме. Не гледам причина да не научиме повторно да веруваме. Денес сме поделени на наши и нивни. Ние сме сами и не му припаѓаме никому, тие се организирани, и имаат и сендвичи и автобуси. Сите ние сме авторитетот кој треба да каже за она што е добро дека е добро и за она што не е, дека не е. Страшно беше сиве овие години да се гледаат и слушаат професори, доктори, писатели, архитекти, новинари, правници..., кои застапуваа и се’ уште застапуваат тези на било која власт. Власта еден ден, кога тогаш, ќе си замине, а тие никогаш нема да можат да бидат она што биле. Денес им се чини дека кредибилноста не е важна, ама утре ќе плачат. Здружението на архитектите го кажа својот збор. Тоа е голема работа за мене, тоа е авторитетот кој се спротивставува со аргументи и во одбрана на струката. Дали авторитетот ќе ја совлада власта? Јас во тоа верувам.
Сепак, се чувствуваш ли немоќен и фрустриран кога гледаш како „кучињата лаат, а карванот си поминува“? На пример, кога се сечат дрвја во три часот по полноќ.
Повеќе на тоа гледам како на процес на чистење, Хигиеинска фаза. Македонија ќе мора да се пресмета со сопствената идеја за тоа каква држава сака да биде. Десет години живеевме без никаков јасен концепт. Оваа влада влезе на бришан простор и испостави силна идеја на симболи и пароли. Стави концепт со конкретни и видливи знакови. Сето тоа е легитимно и морам да признаам, нешто што го сметам за исправно. Не гледам ништо лошо во тоа, напротив мислам дека ни беше потребен концепт. Но, дали оваа Македонија е онаа на која и’ се радував и која се раѓаше во раните 90-ти, додека како момче продавав „Млад борец“ на улица и бев среќен што не’ чека ново утро? Не! Денес се’ уште не можеме да зборуваме за судир на концепти. Денес зборуваме само за несогласување со она што овој концепт го носи. Задачата на едно можно граѓанско движење, кое тлее во земјата, е да изроди нов, слободарски концепт кој на своето знаме ќе ги запише зборовите: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар”. Се’ додека на барокот не му спротиставиме конкретна мисла, тој со својот бетон ќе ја стврднува и бетонира нашата слобода.
Која е твојата порака до архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, чие е идејното решение за новата фасада на „ГТЦ“?
Кој ги шиша! Да даде Господ да им падне аутокадот во којшто работат. Т-лењири да сонуваат цели ноќи.
Како ти ја објаснуваш актуелната барокоманија? Што мислиш дека стои зад неа?
Кога одиш накај Халкидики, лево од Неа Мудања има една продавница за гипсани фигури. Лебеди, кипови, делфини , фонтани... Грците многу сакаат така, по двор да ставаат такви, едни бели од гипс. Добро одат со бузики и со зазики. Разлика меѓу „Скопје 2014“ и овој дуќан нема. Тоа е истиот мајстор. Кој стоји за барокоманијата? Тој Гркот што продава гипсани фигури на глупави туристи.
Од позиција на театарски човек, што мислиш за новиот стар МНТ? Неодамна се одржа некој вид негово отворање, но без најавената премиера, и со уште доста незавршени работи. Кое е твоето мислење за тој објект, како потреба, како симболика, како архитектура и како политичка порака? Дали тој ќе помогне да се обединат или уште повеќе да се разединат театраџиите?
Премногу неправда ми направија за да можам да се радувам на било што, поврзано со театрот во Македонија. Стар сум да заборавам, а глупав сум да простам. Какви театарџии? Такво нешто не постои. Ние сме скарани, разединиети и јас воопшто не се чувствувам како дел од таа сцена. Почесто се срамам од своите колеги одошто се радувам на она што го создаваат. Тие не ме сакаат мене, јас не ги сакам нив. Јас сум против и ќе бидам против. Зошто? Така, затоа што никој не ме праша дали сум за. Затоа сум против. Жал ми е што не можам да им помогнам на младите кои доаѓаат и кои не се плашат од ништо, за разлика од старите кои одат да изразат благодарност. Зошто мене никој не ме кани кога се договараат да одат да се заблагодарат? Можеби и јас сакам да се заблагодарам? И јас си ја сакам министерката за култура! Едно знам сигурно - јас ќе го работам „Ослободување на Скопје“, а после... после ќе се видиме. И само да се знае, идејата за изградба на стариот театар во оваа форма е стара и ја започна Благоја Стефановски. Тогаш Живко Поповски се спротистави на предлогот да се гради оваа реплика. Како и за многу други работи се согласував со него. Отсекогаш говорев дека ни треба НОВА зграда за театар.

No comments:

Post a Comment