Почнувајќи од 14.06. па навака, граѓаните имаат можност да ја потпишат петицијата за зачувување на ГТЦ во најавените термини во кои има дежурни лица и за време на настаните.
Следува текстот на петицијата:
П Е Т И Ц И Ј А
Следува текстот на петицијата:
П Е Т И Ц И Ј А
Скопје, 14.06.2013
Ние, граѓаните на Скопје, со нашиот потпис даваме поддршка за зачувување на автентичноста на еден од симболите на Скопје, објектот Градски трговски центар од проф. Живко Поповски и група автори.
Бараме да се признае вредноста на овој објект како едно од најзначајните архитектонски дела од периодот на Модерната во Скопје и да се поведе постапка за негова заштита како културно наследство на Македонија.
Бараме да престанат сите активности околу намерата за менување на изгледот и карактерот на објектот. Да не дозволиме да се направи историска грешка.
Бараме да се преземат мерки за подобрување на сегашната состојба на објектот и тоа само преку реставрација и програмско заживување на објектот.
Каква било интервенција врз него мора да биде во согласност и со почит кон оригиналната замисла на авторот.
Бараме за каква било интервенција да има јавна расправа со професионалци од струката и со граѓаните на град Скопје.
Архитектонското наследство на градот е извор на знаење, меморија и култура кој имаме обврска да го чуваме за наредните генерации.
Градски трговски центар е и живо наследство, клучна пешачка артерија во градот.
Бараме Градскиот трговски центaр да остане градски!

Во продолжение е додатниот текст кон петицијата:
Да го сочуваме Градскиот трговски центар затоа што е наш и затоа што:
- ГТЦ е нераскинлив дел од идентитетот на Скопје и на неговото градителско, историско и културно наследство;
- ГТЦ е дел и од нашата колективна меморија и од многуте лични интимни приказни;
- ГТЦ, изграден во 1973 година според проектот на еден од нашите најпознати архитекти и првите професори на Архитектонскиот факултет Живко Поповски и група архитекти, е антологиски пример на македонската модерна;
- ГТЦ е прилагоден на нашите климатски услови и има природна аерација, па во него е пријатен престојот во сите годишни времиња;
- ГТЦ е отворен, јавен простор во кој можеме да разгледуваме излози туркајќи точак, со ролерки, шетајќи куче или со сендвич во рака и таа слобода на движење не смееме да дозволиме да се уништи со затворање со врати, нови фасади...
- ГТЦ овозможува остварување, споделување, размена на многу мали, а важни социјални моменти;
- На ГТЦ му треба само малку нега со реставрација преку отворен дијалог со оние кои ја обмислуваат неговата архитектура, а и со оние кои ја живеат неговата архитектура;
- ГТЦ мора да остане автентичен, отворен, проточен, функционален...
- Градскиот трговски центар мора да остане градски!
No comments:
Post a Comment