Monday, July 1, 2013

АРХИТЕКТИТЕ СЕ СВЕСТИЈА: АКО НЕ ГО КАЖЕТЕ ТОА СЕГА, ПОДОЦНА ЌЕ БИДЕ ДОЦНА



извор: Глобус


Цветот на поствоената архитектура во тогашна Југославија и Источна Европа - ГТЦ ќе се брани со граѓански отпор. Почетокот на отпорот ветува...
ЕКИПА НА ГЛОБУС
Неколку стотици граѓани кои се држеа за раце го прегрнаа Градскиот Трговски центар во петокот околу 19 часот и така останаа околу половина час. Ова беше нивниот одговор на намерите тој да се преоблече во барок. Тие уште еднаш порачаа дека нема да дозволат објектот со кој градот се гордееше да биде претворен во барокна архитектура., практично да се одземе еден од симболите на Скопје. Скопјани од сите возрасти, некои дојдени и семејно, го обиколија овој објект некаде и со трикратна алка од луѓе, кои дојдоа во толкав број, што идејата на организаторот - Асоцијацијата на архитектите, за држење со раце во еден човечки жив штит околу ГТЦ беше просто неизводлива, па луѓето на крајот стоеја и се тискаа во неколку редови околу зградата на Трговскиот, но и внатре, во неговите улици.

ГАЗЕЊЕ НА ГРАДОТ Сликари, поети, актери, архитекти порачаа да прастанат експириментите во градот и газењето по авторските права на видните и докажани автори.

ГТЦ е дело на архитектот Живко Поповски, кој остави во аманет дека не смее да се менува неговото дело од постмодерната. После секој говор граѓаните скандираа "Градот е наш, градот не го даваме", а ГТЦ наеднаш стана симбол на севкупната борбата за Скопје. Некои од паролите беа и: "Who the fuck is Жарко Чаушевски?" или "Колку ти чини Кољо меракот?"

Власта секако сака Трговскиот центар да го префасадира во барок стил и да го затвори. Тоа е нејзината идејна, политичка и комерцијална пресметка.

Против ваквата намера се голем дел од дуќанџиите во Центарот, како и станарите на петте кули во ГТЦ. Повикот и иницијативата за ваквата реакција против менувањето на ГТЦ дојде од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, организација која конечно се разбуди, веројатно и предоцна за да се спасат сите оние други објекти кои веќе отидоа јабана и да се спаси основното визуелно милје на метрополата..

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, беше единствен политичар кој јавно излезе и истакна дека објектот, кој е во негова територија, ја подржува и стои зад иницијативата на Асоцијацијата на архитекти на Македонија "Го сакам ГТЦ". Жерновски е против поставување на барокна фасада на објектот на Градскиот трговски центар, поради зачувување на автентичноста на еден од симболите на Скопје.

ГТЦ, инаку е проектиран од професорот Живко Поповски е едно од најзначајните дела на модерната македонска архитектура, а Поповски се смета за најзначајниот повоен македонски архитект. Жерновски се залага, за интервенцијата да има јавна расправа со архитекти и со граѓаните на Скопје.

И тој, како и Асоцијацијата бара Градскиот трговски центар да остане - градски.

ПО ГРАДСКИ Во масата не сретнавме многу политичари, што веројатно е и добро, бидејќи, докажа дека масата се собра онака, по градски, преку Интернет, гонета само со својата емоционална меморија и смисла за урбано. Како што искоментираа некои од присутните "тука нема сељачаана". Ниу една од мнозинството телевизии, провладини впрочем,. не најавија со ниту еден збор дека во градот ќе се случува ваков настан!

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и екс-министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, преку Твитер со реакција на протестот и симболичното "гушкање" на ГТЦ во стилот "присутните го сакале ГТЦ ама пазареле во Солун". Што да се каже!

Меѓу демонстрантите беше и Лидија Марковска, една од проектантите на ГТЦ, која рече дека градбата на ГТЦ е таква што е невозможно да се подигаат столбови - тоа нема да го издржи конструкцијата, вели Марковска. Таа од стручен аспект објаснува зошто е невозможно ГТЦ да се претвори во сосема друга градба. Инаку, Марковска е добитник на високата државна награда "11 Октомври", токму за работата на ГТЦ, на протестот попладнево ја донесе и плакетата, вознемирена раскажуваше дека веста за барокниот ГТЦ, кај неа предизвикал шок и неверување.

Пред граѓаните говореа професорите Митко Ралев, Елизабета Аврамовска, Небојша Вилиќ, Мартин Гулевски и претседателката на ААМ, Даница Павловска. Тие говореа за своите спомени од ГТЦ, за нетранспарентниот начин на кој е направен конкурсот за промена на објектот. Покрај архитектонските и културните вредности на ГТЦ, сите го истакнаа идентитеското значење на овој објект за Скопје и уште повеќе за сите негови граѓани.

Градскиот трговски центар е критика на дотогашниот интернационален стил кој владеел во архитектурата во Европа и во светот, на крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години на 20. век.
"Овој објект во времето кога се градеше беше еден од најсовремените во Европа, беше првиот претставник на т.н. концепт на отворена естетика што го започнаа германските и холандските архитекти

Живко Поповски работеше во Холандија и беше близок со тогаш, најголемите архитекти, како Ван дер Бруек и нивните идеи - кои тектонски ја поместија архитектурата - ги донесе во Скопје", рече за медумите проф. Јасмина Силјановска од Архитектонскиот факултет.

- ГТЦ по својата реализација и решение е објект без конкуренција во нашата градбена пракса - храбро почна Мартин Гулески, професор на Архитектонскиот факултет.

Тој нагласи и дека ГТЦ во времето на својата изградба бил актуелен во европски рамки како еден редок новитет во организацијата на своите функции.

- Господарот секогаш бара слуга, но слугата не мора да има господар - рече Гулески.

Професорката на Факултетот за архитектура Елизабета Аврамовска на петочниот собир од Асоцијацијата на архитекти на Македонија рече дека со менувањето фасади, посебно на ГТЦ се отвора вратата за негирање на авторството. "Се ужаснувам кога ќе слушнам дека ГТЦ бил комунистички објект, ако ГТЦ е комунистички тогаш Ле Корбизје е најголем комунист.

Секоја уметност треба да биде одраз на своето време. Во Париз се гради Филхармонија но личи и постетува на нашиот МОБ. Тоа кај нас сега се крие со некој псеудо барок, со некој стилови кои не се автентични" - истакна Аврамовска.

- Се ужасувам кога ќе слушнам дека за вкусови не се дискутира. Па архитектурата не е манџа, тоа е наука која се студира пет години, и цел живот се учи. Не може на ниво на вкусови да разговараме за тоа - порача Аврамовска.

Историчарот на уметност Никос Чаусидис потсети дека "има клетва која вели да ти се сотре огништето, тоа а најлошата клетва. Домот наш не е само станот, туку нашиот град и тоа е обид за уништивање на огништето наше" - рече тој.

- Мојата младост ја поминав овде на ова место кое се вика Ванила, Мусандра, Драгстор. Може ги нема сега како наслови, но ги има како простор. Кога поминувам се сеќавам на моите љубови, ако некој ми го промени тој простор, нема потреба да останам повеќе во овој град - рече професорот Чаусидис. - Денеска гледаме виртуелна архитектура. Ако денеска гледаме архитектура која што е лага и не доаѓа од времето од кое сугерира, од кое доаѓа, тогаш таа архитектура е лага. Дали се согласувате да живеете во лага - праша Чаусидис.

Небојша Вилиќ, професор на Факултетот за драмски уметности со несекојдневно музичко шоу им се обрати на насобраните граѓани кои дојдоа симболично да го гушнат ГТЦ.

"Kога разбрав што ќе се случува со ГТЦ, ја земав гитарата на син ми и за прв пат по 20 години свирам", рече тој.

Вилиќ на смеа кажа дека не знае дали ГТЦ е виновен што неговите брат и сестра се запишале на архитектура, а тој историја на уметност, споделувајќи со граѓаните дека додека студирал разбрал зошто објектот е важен и зошто се заљубил со него. "Кога станав наставник не можев а да не го употребувам како пример", изјави тој.

На сето тоа граѓаните гласно извикуваа "Градот е наш, градот не го даваме" и "Го сакам ГТЦ".

Општ е впечатокот дека ова е до сега најсилна опозициона реакција која ја направила некоја асоцијација или невладин и непартиски сектор. Се случи на денот кога една масовна појава како протестот на истанбулскиот Таксим, симболично, и покрај огромниот притисок на власта, даде резултати.

No comments:

Post a Comment