Wednesday, July 3, 2013

Го сакам ГТЦ vol.4: ФОРУМ ГТЦ (повик)

од минатонеделниот ГТЦ ФОРУМ
Серијата настани „Го сакам ГТЦ“, реакција на проектот за нова фасада и доградба на Градскиот трговски центар со кој целосно би се уништила архитектурата на објектот, како и неговата урбанистичка улога на „улица“ низ централното градско јадро, продолжува.

Настаните во јули се префрлаат од петочните во четврточните вечери. Резервирајте ги за ГТЦ и градот!

Четвртиот настан ќе се случи на 4.07.2013, четврток, во паркот „Жена борец“ со почеток од 20:00 и повторно ќе биде во обликот на јавна трибина- форум.

70% од објектот на ГТЦ е јавен простор. Тој, архитектонски, претставува „реплика“ на агора/форум, која ги канализира и физички ги опслужува општествените потреби на граѓаните на Скопје во последните четири децении.
Во таа смисла, ГТЦ ФОРУМ претставува надоврзување на основната функција на овој објект како јавен простор.



Досега како говорници на ГТЦ ФОРУМ досега се најавени:

Трајко Димитров, архитект и член на Архитектонската академија при ААМ
Јане Чаловски, уметник,
Александар Поповски, режисер
Соња Абаџиева, историчар на уметноста
Драган Поповски, карикатурист
Александар Прокопиев, писател 


Се разбира, како и претходниот пат, во дискусијата слободно ќе можат да се вклучат и сите граѓани кои сметаат дека за овој проблем треба да се разговара јавно.

На овој собир ќе продолжат стандардните активности: 
• собирање потписи за петицијата за зачувување на ГТЦ во неговата автентична физичка состојба;
• пишување мислења за самиот ГТЦ: „Зошто го сакам ГТЦ?“;
• пишување пораки, идеи и препораки до архитектите на новата псевдоисториска фасада и до управата на ГТЦ; 


Дополнително, ќе бидат јавно прочитани отворените писма до надлежните и ќе биде изложен и отворен за дискусија ДУП Централно градско подрачје на град Скопје, Мал Ринг, општина Центар - изменување и дополнување од декември 2012г.

Ве очекуваме.


Известување за медиуми- прилог.

No comments:

Post a Comment